Во разговор со родителите градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, истакнал дека е запознаен со недостатокот на просторни услови за овозможување на дополнителни паралелки, бидејќи како што вели, и во овој момент наставата се одвива во една цела смена и една меѓу смена и истата завршува во 17 часот.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири за утре на пладне најави состанок со родителите на учениците и на оние што учат на македонски и на децата од настава на албански јазик, откако едните протестираат три, а другите 26 дена
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири врши притисок во општинското основно училиште „Његош“ во Колонија, Гази Баба, да се отворат дополнителни паралелки на албански јазик. Родителите на учениците тврдат дека нема просторни можности за нови паралелки и доколку Министерството за образование и натаму инсистира да дојде до менување на досега воспоставениот распоред на часови, во истиот момент тие ќе побараат од своите деца целосен бојкот на наставата. Претходно имаше два протести на родителите, од кои последниот овој понеделник.
По средбата со родителите, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски застана на нивна страна. Тој на својата фејсбук-страница информираше дека на средбата родителите го известиле оти имаат свои барања во врска со функционирањето на ООУ „Његош“ во следниот период.
Во разговор со родителите тој истакнал дека како градоначалник бил запознаен со недостатокот на просторни услови за овозможување на дополнителни паралелки, бидејќи како што вели, и во овој момент наставата се одвива во една цела смена и една меѓу смена и истата завршува во 17 часот.
– Како градоначалник секогаш сум на страната на граѓаните. Изминатиот период имав неколку контакти со Министерството за образование и наука на кои јасно кажав дека е потребно изнаоѓање на трајно решение, а не воведување на некакви привремени решенија – наведе Стефковски.
Тој изрази жалење што поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, поранешниот министер за образование и наука и неколку поранешни пратеници, а и денес, како што вели, некои од нив сè уште се на високи позиции во Владата, во 2019 година ветиле изградба на ново училиште во Идризово, но денес по цели четири години немаат донесено ниту урбанистичко-планска документација.
Стефковски апелираше на носење на разумни одлуки кои ќе се носат во интерес на сите граѓани, а не одлуки носени од тесно партиски интереси на разни групи.
– На граѓаните од Колонија, Јурумлери, Идризово, Гоце Делчев Дрма и останатите населени места им е преку глава од политика и лажни ветувања. Потребно е да се седне и веднаш да се почне со постапка за изнаоѓање на трајно решение од кое ќе бидат задоволни сите, без разлика на етничка, верска или каква и да е друга припадност – потенцираше Стефковски.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири за утре на пладне најави состанок со родителите на учениците и на оние што учат на македонски и на децата од настава на албански јазик, откако едните протестираат три, а другите 26 дена.
– Проблемот е настанат поради немање просторни услови. Учениците Албанци во тоа училиште имаат настава до петто одделение и со години образованието од шесто до деветто мора да го продолжат во други општини. Нивните родители протестираат од почетокот на учебната година, а пред три дена бојкотираат и родителите на учениците на македонски наставен јазик кои не се согласуваат таму да се отвори паралелка за Албанци шестооделенци. Пред училиштето порачаа дека нема можност за воведување нова паралелка. Според нив, министерот врши притисок и се подготвени, како што велат, настава да нема до крајот на учебната година – велат од МОН.
Шаќири вели дека ќе се сретне и со родителите Албанци, и со родителите Македонци.
– За да се отвори нива паралелка, директорката на основното училиште доставува барање и врз основа на анализите, ние тоа барање го доставуваме во Министерството за финансии. Никогаш нема да се донесе одлука на штета на ниту една страна. На градоначалникот на Гази Баба му кажав дека ако е потребно простории во истото училиште, барам најитно да се достави проект за да можеме да го реализираме во тој простор на училиштето – изјави Шаќири.
(А.П.)