Фудбалската репрезентација на Македонија за неколку часа на националната арена „Тодор Проески“ ќе го одигра последниот натпревар од квалификацискиот циклс за престојното Европско првенство кое ќе се одржи следната година во Германија. После поразот од Италија во Рим, избраниците на Благоја Милевски за противник ја имаат селекцијата на Англија која веќе обезбеди пласман на завршниот турнир и без неколку стандардни првотимци ќе се обиде да ја оправда фаворитската улога и во Скопје.
Првиот меѓусебен дуел одигран на култниот стадион „Олд Трафорд“, заврши со убедлив триумф на „Гордиот Албион“ од 7:0 и истиот треба да биде мотив плус за „црвено-жолтите“ колку толку да ја поправат сликата во очите на најверните фанови кои до последно место ќе ја исполнат националната арена.
Поради повреда селекторот на Англија, Герет Саутгејт, не може да смета на услугите на моментално најдобриот фудбалер на Реал (М), Џуд Белингам, но шанса да ја почуствуваат новата тревна површнина на „Тодор Просеки“ сигурно ќе добијат големите фудбалски ѕвезди како Хари Кејн, Џек Глириш, Хари Мегваер, Фил Фоден, Деклан Рајс…
-Имаме одлична календарска година и сакаме истата да ја завршиме со победа. Толку е едноставо. Таква е нашата цел, ако можеме, сакаме квалификациите да ги завршиме без ниту еден пораз. Има уште неколку тешки натпреари пред нас, но сакам да испратам една јасна порака, сакам да победиме. Добро е што не играме на „Вембли“, добро е што ќе играме на гостински терен, да се навикнеме на атмосферата која не очекува следното лето, изјави селекторот на Англија, Герет Саутгејт.
По дуелот со Италија, предводникот на нашиот национален тим, Благоја Милевски, изјави дека Македонија не смее да ја повтори играта од првото полувреме во Рим.
-Кога ќе примиш четири од пет гола од прекини значи не се бил фокусиран. Првиот дел не одигравме како што замислувавме, но по измените второто полувреме одигравме доста добро. Не успеавме да изедначиме, а тоа што се отворивме не чинеше уште два гола. Не сум задоволен од начинот на кој одигравме во првото полувреме, но и од резултатот, изјави Милевски.