Римскиот мост на Бабуна ќе биде заштитен како историско наследство

57

Камениот Римски мост на река Бабуна преку којшто се уште се одвива целокупниот сообраќај  од Азот кон Чашка ќе се реновира, а Националниот конзерваторски центар ќе треба да го заштити како историско наследство. Ќе биде само пешачки и туристичка атракција на Богомила.

Во село Богомила во центарот на Азот неодамна почна изградбата на нов бетонски мост, којшто треба да биде готов за десет месеци. Мостот ќе биде долг 27 метри, а широк шест метри. Инвестицијата изнесува14 милиони и 570 илјади денари, коишто Општина Чашка ги обезбеди од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Како што појасни за МИА, Горан Стојановски градоначалник на Општина Чашка со изградбата на нов бетонски мост ќе се реши повеќедеценискиот проблем со стариот Римски мост, што секојдневно беше оштетуван со бројна механизација и други возила што сообраќаат секојдневно по него и го оштетуваат  и разнишуваат.

-Со изградбата на новиот мост за кој е одбрана фирмата „Жикол” од Струмица целокупниот сообраќај ќе се пренамени по новиот мост кој се гради на 100 до 150 метри под Римскиот мост,  а кој потоа ќе се заштити и по него ќе биде дозволено да поминуаат само пешаци, појасни Стојановски.

Старио Римски рустичен мост бил заштитен споменик на културата во 1953 година, а стручњаци од Националниот конзерваторски центар од Скопје уште во 2009 година изготвија извештај во кој предупредуваа дека поради тешките возила постои опасност од негово уривање. Тие тогаш  посочија дека е потребна   негова итна санација и изградба на нов мост. Во изминатите десет години тоа не се реализира, а камениот мост и понатаму се руинираше и оштетуваше.

Жителите на Богомила во повеќе наврати укажуваа на опасноста од уривање на ѕиданиот мост во Богомила и бараа негова заштита.