Референдумот пропадна – Македонија оди кон нови избори

164

Очекувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат демократската одлука, во спротивно ќе треба да употребиме друга демократска алатка, а тоа значи предвремени парламентарни избори, изјави премиерот Зоран Заев. За лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски, референдумот не бил битка за предвремени избори. Според него, референдумот е длабоко неуспешен, а победиле граѓаните кои апстинирале од гласање и со тоа, како што рече, Заев и неговата влада се делегитимирани

Опозицијата да одлучи, ќе ја поддржи волјата на граѓаните што излегоа на гласање или ќе се соочи со предвремени парламентарни избори, порача премиерот Зоран Заев по завршувањето на гласањето. Тој референдумот го прогласи за успешен и покрај тоа што не беше исполнет потребниот цензус.

Премиерот порача дека волјата на оние кои гласаа треба да се преточи во политичка активност во законодавниот дом.

-Очекувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат демократската одлука, во спротивно ќе треба да употребиме друга демократска алатка, а тоа значи предвремени парламентарни избори.Гласот даден на референдум е конечен и волјата на граѓаните е неприкосновена и мора да биде почитувана од сите. Јас ќе продолжам да ја водам нашата земја напред и Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ, рече Заев непосредно по завршувањето на референдумот.

Според првичните податоци што ги објави Државната изборна комисија на својата веб-страница од обработени 30 проценти од избирачките места, „за“ на референдумското прашање се изјасниле 90,94 проценти, а „против“ се 6,13 проценти.

На референдумот граѓаните имаа можност да се изјаснат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го бојкотираше референдумот изразувајќи на тој начин незадоволство од постигнатиот Договор со Грција за името.

Според него, референдумот е длабоко неуспешен, а победиле граѓаните кои апстинирале од гласање и со тоа, како што рече, Заев и неговата влада се делегитимирани.

-Бројот на оние кои не гласаа е далеку поголем со што договорот доби стоп од народот. Народот покажа исклучителна демократска и патриотска свест. Ова е Македонија. Овде живеат македонски граѓани, нашиот идентитет е македонски, нашиот јазик е македонски, нашите предци се Македонци, како што ќе бидат и нашите потомци. ВМРО- ДПМНЕ останува со народот и ќе ве победиме, зашто ова не е само пораз за Договорот со Грција, туку и за криминалот, за одземениот спокој и сигурност. Народот е на нозе, а никој досега не победил народ, рече Мицкоски.

На повикот од премиерот Зоран Заев дека ќе распише предвремени избори ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не ја почитуваат волјата на мнозинството граѓани кои гласале на референдумот, Мицкоски рече дека референдумот не бил битка за предвремени избори.
“Ова не беше битка за предвремени избори, ВМРО-ДПМНЕ ја продолжува битката за подобар живот на граѓаните. Зоран Заев не треба да се подготвува за предвремени избори туку за политичка пензија#, кажа Мицкоски на прес-конференцијата во партиското седиште, по објавувањето на првите неофицијални резултати од гласањето.

Тој рече дека 1.200.000 граѓани апстинирале и со тоа се изјасниле против договорот на Заев и Ципрас.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, на граѓаните и институциите им честиташе за спроведеното гласање без ниту еден инцидент и со мирен и демократски процес на гласање.

– Граѓаните денеска ги поставија темелите на идната Македонија. Гласот на суверенот е тој што одлучува за иднината на оваа земја. Се надевам и се надеваме дека одлуката на суверенот е во насока на една подобра иднина за сите граѓани на Македонија, рече Џафери.

Одговарајќи на новинарско прашање дали се можни предвремени избори, со оглед дека премиерот Заев најави таква можност доколку нема парламентарно мнозинство за изгласување на уставните измени, претседателот на Собранието на Република Македонија рече дека Собранието ќе прави напори да обезбеди консензус по ова прашање бидејќи, како што рече, не се работи за теснопартиски интереси, туку за интересот на државата и граѓаните.