Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ, со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година, е прашањето со кое Левица ја најави новата иницијатива за референдумско изјаснување.
Од партијата на Димитар Апасиев очекуваат успех на иницијативата и ценат дека вака како што е формулирано прашањето, невозможно е формално-правно да се одбие иницијативата.
За Левица, акцентот на прашањето е во собраниските заклучоци, а како проблематични ги оценува заклучоците во точките 1 и 3.
– Aко ги читате заклучоците, си велите сѐ е заштитено – јазикот е заштитен… Меѓутоа, точката 1 ја внесува Преговарачката рамка – тоа се трите документи што нам, како пратеници, не ни ги даваа, па моравме да бараме да ни ги достават, и точката 3 Г – тоа е предлогот на француското претседателство. Тие се спорните документи – oбразложи лидерот на Левица во телевизиско интервју.
Прашањето семантички не е јасно и создава дилеми, ценат правните експерти. Адвокатот Тони Менкиновски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека за вакви сериозни иницијативи прашањето треба да биде посериозно систематизирано, а во договарањето на формулациите да бидат консултирани и лингвисти.
Сметам дека референдумското прашање треба да биде посистематизирано од страна на македонските лингвисти за народот да не се доведе во заблуда. Семантиката на сегашното прашање на Левица не содржи прецизно барање околу Договорот и договорите со Бугарија. Исто така, сметам дека она што најпрво треба да се направи е да се пречисти избирачкиот список зашто е сулудо во една држава во која живеат 1.800.000 граѓани, да има и толку гласачи, вели адвокатот Тони Менкиновски во изјава за весникот ВЕЧЕР |
– Референдумот е многу сериозна работа и тука треба цела опозиција да се обедини, а не постојано да се оди со поединечни иницијативи. Во делот на референдумското прашање, сметам дека треба да биде посистематизирано од страна на македонските лингвисти за народот да не се доведе во заблуда. Семантиката на сегашното прашање на Левица не содржи прецизно барање околу Договорот и договорите со Бугарија. Исто така, сметам дека она што најпрво треба да се направи е да се пречисти избирачкиот список зашто е сулудо во една држава во која живеат 1.800.000 граѓани, да има и толку гласачи. Инаку, во секој случај, поддржувам референдум и секое референдумско изјаснување, затоа што е одраз на висок степен на демократија – коментира Менкиновски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Само пред десетина дена, собранискиот спикер Талат Џафери ја одби иницијативата за референдум што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ. Прашањето на ВМРО-ДПМНЕ беше отфрлено со образложение дека не е во согласност со Уставот, во кој е утврдено дека меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.
Од ВМРО-ДПМНЕ уште пред неколку дена најавија дека ќе ја поддржат иницијативата на Левица. Оттаму велат дека е позитивно што повторно се поставува прашањето за референдумот.
Од владејачката СДСМ, пак, ја оценија иницијативата за референдум од Левица како уште еден обид на, како што велат, антиевропската коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица на неуставен начин да го блокира европскиот пат на државата.
Во својата иницијатива, Левица се повикува на членот 24 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, кој предвидува: „Референдум на државно ниво може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието (претходен референдум) и за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието (дополнителен референдум)“. (Ј.Ц.Г)