РЕПОРТАЖА ОД КУМАНОВО: Слепите прогледуваат, немоќните проодуваат во село Брзак

12132

Во кумановското село Брзак живее 56-годишната Радица Пешевска- Богдановска, која сите ја знаат како тетка Рада. Родена е во село Герман, Крива Паланка, но љубовта на нејзиниот живот го нашла во Брзак каде што и се омажила пред многу години и формирала семејство. Животот ѝ се променил во 1988 година по раѓањето на нејзината помала ќерка Мартина. За голготата што ја поминала откако останала неподвижна и повторното застанување на нозе, за нејзината мисија да изгради црква „Св. Троица“ и во дворот на тој божји храм да направи бушотина од каде што сега тече лековита вода, таа раскажува за читателите на весникот ВЕЧЕР

Светлана БЛАЖЕВСКА

На 30 километри од Скопје и 15-ина километри од Куманово, се наоѓа селото Брзак. Тоа е мало село кое датира од 1913 година кога првиот жител дошол од село Брзан, кај Велика Плана, Република Србија. Селото во моментов има 24 активни домаќинства со 73 жители, од кои 60 проценти се млади и вработени, но и се занимаваат со земјоделство и сточарство.

Во ова село живее 56-годишната Радица Пешевска-Богдановска, која сите ја знаат како тетка Рада. Родена е во село Герман, Крива Паланка, но љубовта на нејзиниот живот го нашла во Брзак каде што и се омажила пред многу години и формирала семејство.

Животот ѝ се променил во 1988 година по раѓањето на нејзината помала ќерка Мартина. За голготата, која ја поминала откако останала неподвижна и повторното застанување на нозе, таа раскажува за читателите на весникот ВЕЧЕР.

Бев парализирана, но станав на нозе

За тетка Рада и за нејзината мисија да изгради црква „Св. Троица“ и во дворот на тој божји храм да направи бушотина од каде што сега тече лековита вода, дознавме токму од Мартина. Таа со многу љубов ни кажа за патешествието на мајка ѝ Радица која, пак, се израдува што ќе ни ги раскаже моментите кои довеле да се изгради црквата „Св. Троица“, која сега ја посетуваат не само од Кумановскиот регион, туку и пошироко.

 – Идејата за изградба на црквата „Св. Троица“ во село Брзак дојде кога јас во далечната 1988 година ја родив помалата ќерка Мартина и по породување, во период по 23 дена, почнаа првите симптоми на мојата болест polyradiculoneuritis, односно парализа. Прво осетив малаксаност во рацете, нозете и ′рбетот и во рок од 48 часа легнав во постела со целосна одземеност на телото. Но, фала му на Господ Исус Христос, мајка Богородица и сите светци што психички бев свесна и покрај тоа што своето тело не го чувствував, но меморијата ме држеше и секој миг си велев дека за брзо време ќе станам на нозе и ќе им се вратам на моите мали дечиња – почна да кажува тетка Рада.

Оваа болест се смета за неизлечива и само три проценти кои заболуваат остануваат живи. Сепак, како што вели оваа храбра жена, благодарение на Господ Бог и Богородица, таа за осум месеци станува на нозе, дури и лекарите се зачудени.

– Третиот ден од симптомите јас бев сместена во болница во Куманово и од таму со возило на Брза помош бев пренесена во Скопје на Клиниката за нервни болести. Таму лежев три месеци, но не се потпревме само на медицината туку баравме чаре и по луѓе кажувајќи си ја маката. Сопругот слушнал за дедо Дино од село Ерџелија, Светиниколско, па појде таму. За жал, дедо Дино повеќе не е меѓу живите, но тогаш му кажал на мојот сопруг дека жената ти е смлатена (оградисана) од самовили. Таа фрлила вода врз родно дрвце навечер, самовилите биле присутни и си играле таму, ѝ се налутиле и ја казниле. Ќе ја однесеш на Самовилска Вода во село Зубовце, Кумановско, и му кажал како и што да направиме. Му рекол дека за околу 6 месеци ќе почне да станува на нозе и да трча како елен, а така и се случи – вели тетка Рада.

Дека самовили направиле тетка Рада да стане неподвижна, им потврдиле и други двајца видовити луѓе од гостиварското село Вруток и од Младо Негоричане, Кумановско. Но, не се откажале и од третманите на докторите.

– Истовремено користев лекарства и секоја чест на професорката д-р Снежана Влашки и професорот д-р Ристо Љапчев со нивниот конзилиум кои максимално се трудеа да оздравам. Потоа бев во Козле на терапија еден месец, па ме пратија во Охрид во болницата „Св. Еразмо“, која е специјализирана за вакви болести и таму бев два месеца. Оттаму излегов со патерици, но си продолжив со терапии и базени по препораки на медицината – нагласува Радица.

И покрај подобрувањето на нејзината состојба, не престанала и со народното лечење.

– Кога прв пат отидовме на Самовилска Вода во Зубовце, јас бев во носилка, но по десетина дена почнав да ги мрдам прстите. Второто носење во носилка беше по пауза од еден месец и по 10 до 15 дена по тој третман успеав, иако со мака, да ги доближам рацете до лицето, за по три месеци да можам сама да се хранам со лажица. Морам и ова да го кажам. Дедо Дино на сопругот му рекол дека кога ќе одам по трет пат на Самовилска Вода, ќе влезам на нозе и таму да преноќам. Му рекол да однесеме јагне, да го подариме во име и за здравје на луѓето што ќе бидат присутни таму, така и направивме – кажува оваа жена.

По исцелувањето изградив црква со лековита вода

Благодарение на, како што вели, исцелувањето (оздравувањето), сакала да подигне црква. Идејата не ѝ дошла веднаш туку по некое време откако почнала да сонува чудни соништа.

– Во соновите ми беа присутни мајчичка Богородица, Исус Христос и други светци и ми велеа да го соберам народот што живее во селото. И тоа поточно кога во сон ми се појави Исус Христос со зборовите: Народе, народе, дојдете, а мене ми рече дека во селото нема црква и дека треба да се изгради – вели тетка Рада.

Црквата „Св.Троица“ е почната со градба во далечната 1995 година со божји благослов и со благослов на починатиот владика дедо Кирил, кој во тоа време беше митрополит на тогашната Полошко-кумановска епархија.

– Црквата е изградена на местото каде што претходно од првите жители на селото бил поставен крст. Како христијанско население барале дозвола од турскиот ага да постават крст и одредување на празник на селото. И од тогаш селото го празнува Духовден. За изградба на црквата се заслужни, се разбира моето семејство, жителите на Брзак и на околните села кои со доброволно давање на пари кој колку можеше, а жителите на селото помагаа и со работна рака и со механизација. Помогнаа и одредени фирми во тоа време со материјал, која помалку, која повеќе – раскажува таа.

Во периодот на повеќегодишната изградба ѝ се сонува дека има лековита вода. Во дворот на црквата направиле бушотина на длабочина од 42 метри од каде што бликнува вода.

– Додека траеше повеќегодишната градба на црквата, повторно на сон ми се јави Исус Христос. Јас на сонот му се поклонувам и му велам: фала ти, Господи, што ни ја подари оваа лековита вода, а веќе во ред чекаа луѓе да се измијат со водата. Ја направивме бушотината на местото каде што го сонив Исус Христос и најдовме вода. Со помош на потопна пумпа ја влечеме водата. Во дворот на црквата има чешма која е хемиско и бактериолошки испитана и е чиста за пиење и за лековитост. Луѓето што доаѓаат и се замиваат со водата велат дека видот им се подобрил, дека не ги болат нозете бидејќи водата е лековита – говори тетка Рада.

Вели дека оттогаш е слуга во преубавиот божји храм. И сега, иако болна од канцер, сè уште ја одржува цела црква, дворот полн со овошки, цвеќиња, рај за душа, секој празник пали кандилца, ја чука камбаната. Вели дека Господ е голем и ќе ѝ помогне да ја надмине и оваа болест на денешницава.

Таа е вистинска сопруга, мајка, баба и вредна домаќинка. Нејзин специјалитет се домашно селско зељанче, како и баници растргнати и сукани кои ги пече под саач (вршник).

– Со корона вирусот во Брзак се справуваме како што даваат инструкции надлежните и фала му на Господ добро се држиме. Со лекови се снаоѓаме кој како ќе се најде, а со храна претежно од свое производство. Во слободно време го читам Светото писмо, Нов и Стар завет, книги за народно лекување, а на основа на тоа давам и совети на луѓе кој и како треба да се однесува. Строго се придржувам за време на пост и го поминувам според канонските правила. Секој празник и недела сум во црквата, си пеам молитви и си палам кандила. Ја одржувам хигиената во самиот храм и во дворот, кој е прекрасен за душевно одморање – вели оваа жена борец.