Реконструирани улиците „Периша Савелиќ“ и „Салвадор Аљенде“ во населба Водно

21

Општина Центар ги реконструираше улиците „Периша Савелиќ“ и „Салвадор Аљенде“ во населбата Водно.

Како што информираат општинските власти, активностите се спроведени на барање на жителите на оваа населба.

-Градежните активности опфатија комплетно нивелирање на улиците и поставување нов асфалт на површина од 3.233 квадратни метри на улицата „Периша Савелиќ“ и нов асфалт на површина од 954 квадратни метри на улицата „Салвадор Аљенде“-соопштија од Општина Центар.

Во изминативе две недели, Општина Центар постави и нова вертикална сообраќајна сигнализација за воведување еднонасочен сообраќај на улицата „Партениј Зографски” во населба Водно, на потег од крстосницата со улицата „Салвадор Аљенде” до крстосницата со улиците „Питу Гули” и „Ацо Караманов”. Со поставување на вертикалната сигнализација, улицата „Партениј Зографски” беше обележана и со хоризонталната сигнализација за подобрување на условите во автомобилскиот сообраќај на Водно.

Досега во овој дел на општината реконструирани се улиците: „Загребска“, „Караорман“, „Бигла“, „Димитар Пандилов“, „Ганчо Хаџипанзов“, „Капиштец“, „Питу Гули“, а наредна за реконструкција е улицата „Димитар Беровски“.

Општина Центар продолжува со активности за реконструкција на улици кои ќе придонесат за обезбедување подобри услови за живот на граѓаните, како и хуманизирање на просторот со побезбедни услови во автомобилскиот и алтернативниот сообраќај и неопходни паркиралишта во интерес на граѓаните.