Ред за трета доза вакцина во Штип

42

Повозрасните штипјани побрза да ја примат и трета доза на вакцина против коронавирусот. Пред вакционалниот пункт во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ веќе трети ден има долга редица од граѓани, кои чекаат да се вакцинираат.

Граѓаните кои чекаа да ја примат вакцината велат дека биле вакцинирани со една од кинеските вакцини, а во интерес на нивното здравје, но и на најблиските се одлучиле да ја примаат и третата доза, но овој пат на „Фајзер“. Полициски службеници се ангажирани да ставаат ред пред вакционалниот пункт.

Дијана Коцева – Миланова координатор на вакциналниот пункт во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“-Штип вели дека веќе трети ден ги имунизираат граѓаните со трета доза, кои примиле една од кинеските вакцини.

Интересот на граѓаните за примање на трета доза е поголем отколку за прва доза. Бројката секојдневно расте, првиот ден имавме 70, па 300, а денеска очекуваме над 400 граѓани, кои се заинтересирани да примаат третата доза, вели Коцева-Миланова.

Граѓаните кои ја примаат бустер дозата, пред да влезат во вакциналниот пункт пополнуваат согласност, доколку има потреба и здравствениот кадар им помага. Коцева-Миланова забележува дека очекуваат насоки дали утре ќе биде отворен пунктот, а веќе размислуваат од понеделник пунктот да биде во поголем простор во истата зграда на Здравствениот дом, за што и дополнително ќе ги информираат граѓаните.