Во моментов, секој петти граѓанин роден во регионот живее во странство, додека секој трети размислува да се исели. Со намалувањето на човечкиот капитал, опаѓа и потенцијалот за раст на економиите во земјите во регионот. Затоа, на носителите на политиките е да ги ублажат последиците од миграциите. Ова, меѓу другото, го потенцираше гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која говореше на панел-дискусијата „Миграции, бегалци и општества“, во рамките на состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и на Светска банка, која годинава се одржува во Црна Гора.
‒ Човечкиот капитал е предуслов за постигнување одржлив и инклузивен економски раст, додека миграцијата е еден од факторите кои влијаат врз човечкиот капитал. Со намалувањето како на квантитетот така и на квалитетот на работоспособното население, имајќи предвид дека една третина од емиграцијата во регионот е со високо образование, се намалува потенцијалот за раст на економиите и се забавува веќе ниската конвергенција на доходот ‒ доходот во регионот е само 40% од европскиот доход. Носителите на политиките не може да ја спречат емиграцијата целосно, но може да ги ублажат негативните последици – истакна Ангеловска-Бежоска.
Потенцијалот за раст на регионот во изминативе две децении се намали од 5% на 2,5%, што, според гувернерката, е поостар пад во однос нa ЕУ. Ова се должи на неповолните трендови кај сите двигатели на економскиот раст, вклучително и кај човечкиот капитал.
‒ Квантитетот кај човечкиот капитал опаѓа како резултат на демографските фактори, но и емиграцијата. Како резултат на тоа, процентот на работноспособното население во регионот во изминатава декада се намали од 70 на 65%, додека очекувањата на Светска банка се дека во следниве две и пол декади ќе се намали на 60% ‒ истакна таа.
За да се намали емиграцијата, Ангеловска-Бежоска смета дека се потребни структурни и институционални политики за да се зголемат доходот и квалитетот на животот во регионот, бидејќи тоа е еден од клучните фактори за миграцијата.
‒ Треба да се зголеми искористеноста на човечкиот потенцијал, кој го имаме со зголемувањето на животниот век на населението, кој заостанува зад европскиот просек, со зголемување на стапката на активност, особено на жените и на младите, како и со подобрување на квалитетот на работната сила преку политики за унапредување на образовниот процес. Од друга страна, унапредувањето на институциите, водењето соодветни економски политики и зајакнувањето на врските со дијаспората може да имаат позитивни ефекти и да придонесат за враќање на дел од иселените лица, како и за привлекување нови работници од други региони. И покрај, главно, негативниот контекст на емиграцијата, таа носи и извесни придобивки, пред сѐ финансиски, имајќи ги предвид приливите на средства од дознаките од странство, кои изнесуваат 10% во регионот, додека кај нас дури 15% од БДП – заклучува гувернерката на Народна банка.