Регионалниот пат Драчево-Таор готов до крајот на август

58

До крајот на август годинава се очекува да заврши реконструкцијата на регионалниот пат Драчево – Таор, кој е дел од 30-те патишта на кои се работи.

– Реконструкцијата на патот е на барање на жителите кои што живеат околу овие населени места. Ќе се изврши целосна санација и очекуваме некаде во август тој да биде завршен. Патот е еден од  многуте, односно од над 30 патишта низ целата држава  што започнавме да ги реконструираме  во овој период, и со такво темпо ќе продолжиме во текот на целата година, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при увидот во активностите за реконструкција.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов информираше дека се работи и на патот Драчево – Јурумлери кој се очекува да биде завршен до средината на следниот месец.

– Ова се само еден дел од патиштата кои што се работат на целата територија на Северна Македонија и не постои општина каде што во моментов  не е отпочната рехабилитација, реконструкција на пат, на мост, на косини, на свлечишта. Значи, интензивна работа која во наредниот период сè повеќе и повеќе ќе се зголемува, а ќе биде нормално на задоволство на граѓаните – наведе Китанов.

Во однос на реакциите на жители на општина Петровец за метежот што им се создава поради движење на камиони по стариот пат, Китанов наведе дека нивна надлежност е да направат се што треба за обнова и за подобрување на состојбата на патот, но не и да забранат движење по него.

– Ние не можеме на возачите да им забраниме да го користат тој пат.  Да, еден мал дел од нив можеби го прават тоа со намера да ја заобиколат патарината – рече Китанов.