Револверот со кој беше застрелан озлогласениот одметник Били Кид наскоро на аукција

36

Еден од најпознатите примери на огнено оружје на американскиот див запад ќе биде понуден на аукција следниот месец. Тоа е револвер кој го уби озлогласениот одметник Били Кид.

Револверот на шерифот Пат Гарет на аукцијата се очекува да достигне цена од два до три милиони долари, објави аукциската куќа „Бонамс“.

 Шерифот, по неколку месеци потрага по одметникот, го застрела неславниот револвераш  Били Кид во 1881 година.

Во описот на куќата што ја организира аукцијата се вели дека тоа е „најзначајното богатство од раната историја на Западот“ во САД.

Оружјето досега беше во колекцијата на тексашката двојка Џим и Тереза ​​Ерл. Тие собираа артефакти од Дивиот Запад повеќе од 50 години.

Џим почина во 2019 година, а неговото семејство сега ја продава колекцијата.

Били Кид беше човекот кој се бараше во Аризона и Ново Мексико за осум убиства.

Шерифот Гарет го следел револверашот до ранчот во Форт Самнер, Ново Мексико, го нашол таму и го застрелал на 14 јули 1881 година.

Приказната за потрагата по Кид е дел од поп-културата скоро 100 години. Тоа беше предмет на безброј дела, вклучувајќи ги филмовите Пет Гарет и Били Кид и Млади револвераши.

На аукцијата, закажана за 27 август во Лос Анџелес, ќе се понуди и двоцевна пушка што ја користел Били Кид за време на бегството од зградата на судот во април 1881 година, во Ново Мексико.

Експертите проценуваат дека крајната цена ќе биде помеѓу 200.000 и 300.000 долари.

Договорот од 1881 година, кој го обврзува шерифот Гарет да напише книга за Били, исто така, ќе се најде на аукција. Се очекува да достигне цена помеѓу 8.000 и 12.000 американски долари.