Ревакцинација после 12 недели дава подобри резултати

143

Пулмолог и имунолог проф. д-р Ратко Ѓукановиќ од Универзитетот во Саутемптон, вели дека клиничките студии покажале дека со вакцината, која е изработена во соработка со Универзитетот Оксфорд и компанијата „Астразенека“, одложувањето на ревакцинацијата за 12 недели дава подобри резултати, бидејќи имунолошкиот систем има време подобро да се подготви за втората доза.

Студиите исто така покажале дека ова доведува до дуплирање на имунолошкиот одговор, што може да се процени со мерење на нивото на антитела против коронавирусот.

Неодамна завршената студија во Шкотска покажа дека вакцините Астразенека и Оксфорд ја намалуваат потребата за хоспитализација за 94 проценти.

Покрај тоа, имунолошкиот одговор кај вакцинираните лица, доколку втората доза се даде по 12 недели, е двојно посилен од одговорот кога вакцината се дава по шест или помалку недели по првата доза, посочува проф. д-р Ѓукановиќ, кој исто така учествува во истражувањето на лекот интерферон бета, против коронавирус.

“Затоа е одлучено во Велика Британија да се одложи втората доза за сите вакцини, вклучително и онаа што ја развија научниците од Оксфорд. Ова ни дава подобри резултати, можеме да вакцинираме поголем број на пациенти, но и подобро да ги заштитиме. На тој начин ќе спасиме многу повеќе луѓе, без страв дека паузата помеѓу првата и втората доза претставува ризик за пациентите“, објаснува докторот.

Тој наведе дека вакцината Астразенека ја намалува инциденцата на тешки форми на болеста за кои е потребна хоспитализација, а тоа честопати се губи во анализи каде терминот ефикасност вклучува благи случаи на заболување со благи симптоми, како што се треска, губење на осет за мирис и вкус и замор.

До денес, ниту една студија за вакцината Астразенека не покажа инфериорна ефикасност во споредба со другите вакцини.

Во Велика Британија, 18 милиони луѓе ја примиле првата доза досега, а повеќето ја примиле вакцината Астразенека.