Расте цената на алуминиумот

21

Доцнењата во синџирите на снабдување, кои ги потресоа пазарите на суровини и ги зголемија цените на алуминиумот на највисоко ниво во последните 13 години, најверојатно нема да се намалат во скоро време, пишува „Bloomberg“.

Ова е пораката на производителите на алуминиум, потрошувачите, трговците и добавувачите за време на најголемата годишна конференција што влијае на секторот во Северна Америка.

Цената на алуминиумот се зголеми за 48% од почетокот на оваа година, во услови на зголемена побарувачка, тешкотии во транспортот и ограничено производство во Кина, што го поттикна стравот од инфлација и предизвика големи главоболки кај производителите на производи за широка потрошувачка, кои се соочуваат со влошен недостаток на суровини, заедно со наглото зголемување на трошоци.

Одложените испораки ќе продолжат да вршат притисок врз индустријата во поголемиот дел од 2022-ра година, предупредуваат многу учесници на конференцијата, а некои предвидуваат дека ситуацијата може да опстојува и до пет години пред да се решат проблемите.

Глобалните синџири за снабдување, поддржани од недостатокот со контејнери, се борат да го задоволат темпото на побарувачка за стоки и суровини и да ги надминат нарушувањата на работната сила предизвикани од ширењето на варијантата делта на коронавирусот.

„Тоа е хаос за нас, и со нетрпение ја очекуваме 2022-ра година, за жал, не гледаме дека ќе помине во скоро време“, рече Мајк Кон, извршен директор „Commonwealth Rolled Products“, на состанокот „Harbour Aluminium“ во Чикаго.

Комонвелтот произведува алуминиумски производи со додадена вредност што ги продава на автомобилската индустрија, која се соочи со други проблеми поврзани со недостаток на полупроводници.

Неколку учесници на конференцијата рекоа дека недостатокот на работна сила е нивниот најголем проблем и дека немаат идеја кога ситуацијата ќе се подобри.

Зголемувањето на цените на алуминиумот се случува кога производителите и потрошувачите преговараат за годишни договори за снабдување. Купувачите се воздржуваат од склучување договори што е можно подолго, бидејќи премиите за транспорт се високи. Тие исто така чекаат индикации дали Русија, вториот по големина производител на алуминиум во светот, ќе одржува високи даноци за извоз следната година, рече Хорхе Васкез, управен директор на „Harbor Intelligence“.

Сето ова може да сигнализира дополнително зголемување на цените. „Harbor Intelligence“ обезбедува прогноза за цената на алуминиумот во следната година, која ќе достигне просечно 2.570 долари по метрички тон. Ова е околу 9% повеќе од просечното ниво на цените за оваа година.

„Harbor“, исто така, проценува дека таканаречената премија на Средниот Запад, сумата додадена за да се достави металот до Средниот Запад во Соединетите држави, ќе скокне на рекордно високо ниво од 40 центи по паунд (0,45 кг) во четвртиот квартал, што претставува зголемување од 185 % во споредба со крајот на 2020-та година.