Расте бројот на инфицирани деца, термини нема, тестовите се плаќаат приватно

Короната зема замав, 22,6 отсто повеќе заболени во однос на минатата недела.Педијатарот д-р Мира Атанасова за весникот ВЕЧЕР вели дека во една смена има и по стотина прегледи од кои што најголемиот дел од училишните деца биле со настинки и вирози. Сомнителните на ковид-19 веднаш ги упатува во лабораторија да направат тест.

362

ИЈЗ во неделната анализа утврдува дека најзабележително зголемување на инфекцијата со вирусот има кај децата кои се во возрасната група од 0-9 години, при што растот достигнал 72,7% повеќе во однос на претходната недела. Педијатарот д-р Мира Атанасова за весникот ВЕЧЕР вели дека во една смена има и по стотина прегледи од кои што најголемиот дел од училишните деца биле со настинки и вирози. Сомнителните на ковид-19 веднаш ги упатува во лабораторија да направат тест. – Најчесто немам термин да им закажам на моите пациенти тестирање за ковид-19 и родителите се принудени да плаќаат во приватните лаборатории и по 1.000 денари. Некои купуваат од аптеките тестови бидејќи се поевтини, чинат 300 денари – укажува д-р Атанасова

Заразата со ковид-19 во Македонија повторно зема замав, при што за една недела се регистрирани 2.704 нови позитивни случаи во 33 градови во државата што претставува зголемување од 22,6% во однос на претходната недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје и тоа 47,5%, а најголем раст во однос на бројот на жители има во Крива Паланка и Кавадарци.

Но она што загрижува за овој период е што покрај зголемување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, најзабележително зголемување има кај децата кои се во возрасната група од 0-9 години. Растот на заболени деца до девет години достигнал 72,7% повеќе во однос на претходната недела. Ова се дел од бројките што се содржани во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје кој се однесува на период од 18 до 24 октомври 2021 година.

Единствено што е добро што децата на оваа возраст многу малку се лекуваат во болнички услови. Според д-р Мира Атанасова, педијатар во Скопје, од почетокот на школската година во континуитет расте бројот на заразени лица, не толку кај децата што одат во градинка, колку кај учениците од основните и средните училишта.

-Уште од пред месец и половина, како педијатар укажував дека треба да се почне со скриниг и децата да се тестираат секоја недела по примерот на другите европски држави. Скринигот сега со задоцнување се реализира. Според мене тој не треба да биде по случаен избор, туку сите деца, без исклучок и без согласност на родителите треба да бидат опфатени со тестови. Да им се зема брз антигенски тест на сите што одат во училиште, бидејќи само така вирусот ќе се стави под контрола. Кога ќе се утврди дека ученикот е заразен цело одделение треба да оди во изолација, а не само децата што седат во неговата околина. Со оваа мерка не се согласувам – објаснува за весникот ВЕЧЕР, д-р Атанасова.

Таа вели дека само вчера имала стотина прегледи во една смена и најголемиот дел од училишните деца биле со настинки и вирози. Сомнителните на ковид-19 веднаш ги упатува во лабораторија да направат тест.

-Најчесто немам термин да им закажам на моите пациенти тестирање за ковид-19 и родителите се принудени да плаќаат во приватните лаборатории и по 1.000 денари за тест. Некои купуваат од аптеките тестови, бидејќи се поевтини, чинат 300 денари. Најголем број од позитивните дечиња ги лекувам во домашни услови, без да завршат во болница. Препорачувам да се користат повеќе витамини како Ц, Д3, цинк, селен – вели д-р Атанасова.

За една недела, како што покажува анализата на ИЈЗ тестирани се вкупно 21.461 материјали во лабораториите, а растот на заразените е поголем за 9,2 проценти, од кои најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Кај заразените пријавени се 1.435 жени што е 53,1% отсто од пациентите, а 1.269 се мажи или 46,9%. Во овој временски период оздравеле 1.924 лица. Мината недела се пријавени вкупно 36 реинфекции, што исто така е зголемување од 5,9% во однос на претходната недела.

Што се однесува на смртните случаи пријавени се 79 лица од 19 града во земјава, а најголем дел од нив 29 се од Скопје. Починатите се од сите возрасти, а им и две лица на 30-годишна возраст. Во однос на коморбидитети,најголемиот дел од лицата имаат кардиоваскуларна болест, дијабетес, хронична белодробна болест, но и други хронични заболувања.

Според извештаите од болниците кои пристигнаа до ИЈЗ моментално се хоспитализирани 514 лица, а од нив 331 се на кислородна поддршка и 27 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

Во однос на симптоми кои се пријавени кај заболените, најчесто се регистрирани температура (60,7%), малаксаност (44,2%), кашлица (44,0%), главоболка (28,7%), мускулна болка (25,0%), болка во зглобови (20,7%) и ослабен осет за мирис и/или вкус (19,9%).

Заклучно со 24 октомври ИЈЗ утврдува дека досега вкупно се регистрирани 699 реинфекции на ковид-19, а во моментов активни се 6.187 лица.

Од почетокот на пандемијата до сега се пријавени вкупно 199.901 случаи на ковид-19 од кои што според полот, регистрирани се 98.979 (49,5%) машки и 100.922 (50,5%) женски лица. Најголем број на заболени на неделно ниво е регистриран на 13. недела во 2021 година. Кај последниот бран на заболени, чиј број започна да расте од 27. недела, бележи врв во 33. недела со вкупно 6.819 заболени лица. Досега се регистрирани 5 смртни случаи кај бремени жени и 29 смртни случаи кај здравствени работници.

(В.Ма.)