Расте бројот на заболени од корона, ќе нѐ спаси Кина или Русија?!

Од среда, кога почна вакцинацијата, за само четири дена, до саботата се регистрирани вкупно 1.584 нови случаи на заразени со ковид-19, а починати се 44 лица, иако здравствените власти велат дека во овие статистики се вбројуваат и починати од ноември и декември. Во меѓувреме, заклучно со саботата, вакцинирани се 764 здравствени работници. Министерот оценува дека засега нема потреба од засилување на рестриктивните мерки и дека состојбата е под контрола, но загрижува сликата од терен. Иако со одлука на Влада, по препорака на Комисијата за заразни болести, во угостителски објекти е забранета жива музика, кафеанџиите најдоа начин како да прават забави и прават онлајн свирки низ кафеаните во Скопје.

127
Вакцинацијата против ковид-19 во земјава почна на 17 февруари, со првата пратка од 4.680 дози „Фајзер“ кои земјава ги доби од Србија. Заев најави дека следната недела се очекува остатокот од целата пратка од 8.000 дози од Србија, а до крајот на февруари се чека одговор од „Фајзер“ за 800.000 дози за кои директно преговараше земјава. Се чека да стигнат и 200.000 дози кинески вакцини, а во март и првата вакцина што доаѓа преку Ковакс-механизмот, таа на „АстраЗенека“.

Додека Македонија ги чека вакцините, расте бројот на заразени со коронавирусот. Од среда, кога почна вакцинацијата, за само четири дена, до саботата се регистрирани вкупно 1.584 нови случаи на заразени со ковид-19, а починати се 44 лица, иако здравствените власти велат дека во овие статистики се вбројуваат и починати од ноември и декември. Во средата имаше 347 новозаразени, во четвртокот 373, во петокот 415, а во саботната статистика влегоа 449 новозаразени со ковид-19. Министерот оценува дека засега нема потреба од засилување на рестриктивните мерки и дека состојбата е под контрола, но загрижува сликата од терен. Иако со одлука на Влада, по препорака на Комисијата за заразни болести, во угостителски објекти е забранета жива музика, кафеанџиите најдоа начин како да прават забави. Онлајн свирки се прават низ кафеаните во Скопје. Пејачите наместо да свират во кафеаната, од дома прават концерт, а се поврзани преку онлајн врска и звучници од кои ечи музика. Гостите го гледаат пејачот на смарт телевизори поставени низ локалот, а тој пак од дома на својот телефон или лаптоп. Преку пораки менаџерот на кафеаната му испраќа нарачки со песни од гостите, а потоа тој ги исполнува желбите.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски вели дека во однос на онлајн свирките не можат да интервенираат и да го казнат газдата на кафеаната бидејќи тоа се третирало како електронски пренос на звук. Но, додава Пауновски, може да се реагира за непочитување на протоколи.

Во меѓувреме, заклучно со саботата, вакцинирани се 764 здравствени работници. Имунизацијата на здравствените работници со вакцината од производителот „Фајзер“ се одвива во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести во Скопје, каде се поставени шест вакцинални позиции и се работи во две смени од 8 часот наутро до 20 часот, од понеделник до сабота. Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека се очекува до крајот на овој месец да пристигнат и останатите вакцини.

 – Веќе добро функционира системот на закажување, близу 95 илјади граѓани се пријавени преку сајтот vakcinacija.mk или преку матичните лекари. Од нив, 44 илјади се граѓани на возраст над 70 години со хронични болести, значи се таа прва приоритетна група на граѓани која треба да бидат вакцинирани по медицинскиот кадар. Веднаш кога ќе пристигнат вакцините, за разлика од сегашните вакцини тие ќе бидат дистрибуирани до сите вакцинални пунктови во земјава и ќе започне масовното вакцинирање на населението, рече министерот Филипче.

Филипче посочи дека новиот сој е причина за зголемување на бројот на новозаразени. Последните два дена кои влегоа во статистиката, кај 50 проценти од потврдените е детектиран британскиот сој. Новиот сој во Македонија многу побрзо и полесно се шири, но состојбата постојано се мониторира и засега нема потреба од препорачување нови мерки.

-Ги пратиме бројките и ги анализиравме резултатите од секвенционирањето на геномите на вирусот од пациенти кои беа дијагностицирани во Охрид, Кавадарци и во Прилеп. Прво да кажам дека евидентно е зголемувањето во изминатиот период на пациенти кај кои се детектира варијантата на британскиот сој и тоа од некои 20-ина проценти. Последните два дена резултатите покажаа дека се зголемува и до 50 проценти од вкупниот број на дијагностицирани, истакна министерот Филипче.

Тој посочи дека ќе се направи проценка и дали треба да се набават и соодветни количини од руската вакцина против ковид-19. Премиерот Зоран Заев претходно изјави дека земјава нарачала толку вакцини против ковид-19, колку што Комисијата за заразни болести, според нејзината проценка, оценила дека е доволно за да се постигне колективен имунитет.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвини дека практично нема никаква комуникација помеѓу Владата и држави производители на вакцините, меѓу која е и Русија. Според него, не е важно потеклото на вакцините „дали е од Кина, дали е од Русија, дали е од Европската Унија, дали е од САД“.

 – Час поскоро вакцината треба да се донесе, да може оние граѓани кои сакаат да се вакцинираат, да се вакцинираат, да спасиме живот повеќе, да спасиме здравје, рече Мицкоски.

Вакцинацијата против ковид-19 во земјава почна на 17 февруари, со првата пратка од 4.680 дози „Фајзер“ кои земјава ги доби од Србија. Заев најави дека следната недела се очекува остатокот од целата пратка од 8.000 дози од Србија, а до крајот на февруари се чека одговор од „Фајзер“ за 800.000 дози за кои директно преговараше земјава. Се чека да стигнат и 200.000 дози кинески вакцини, а во март и првата вакцина што доаѓа преку Ковакс-механизмот, таа на „АстраЗенека“. Од Ковакс механизмот, за земјава се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од вакцината на „АстраЗенека“, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината. Преку Ковакс-механизмот Македонија уплатила за вкупно 833.000 дози вакцини.

Бројот на активни случаи во земјава изнесува 6.735 од кои 2.952 се во Скопје. Вкупниот број пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во земјава е 622, има околу 420 празни болнички кревети во ковид-центрите. Од почетокот на епидемијата со коронавирусот во нашата земја вкупно се регистрирани 99.031 заболени лица, бројот на оздравени пациенти е 89.249, а на починати е 3.047.

Заев: Ќе нарачаме 100 илјади дози од руската вакцина “Спутник”

Македонија ќе нарача и руски вакцини. Премиерот Зоран Заев изјави дека дал насоки за нарачка на вакцините од рускиот производител, Спутник V.

-Синоќа доцна во разговор со министерот за здравство, Венко Филипче, добив информација дека имаме капацитет, односно согласно планот за вакцинација и согласно склучените договори и платените аванси, да направиме и нарачка од дополнителни 100.000 дози од следна вакцина, која би го дополнила предвидениот план, и секако не би дозволила да има вишок вакцини согласно планот на Министерството за здравство. Така што, еве да одговорам на прашањето дали би нарачале Спутник? Да, дадов насоки, како што ме информираа дека има капацитет за дополнителни 100.000, да се направи и од таму нарачка. Значи сè што постои од вакцина, направивме нарачки, договори, односно воспоставивме контакти, сè со цел процесот на вакцинација да се одвива непречено и продолжи со предвидената динамика, истакна премиерот Заев.