Расте бројот на болните прегледани од астма

75

На Светскиот ден на астмата лекарите велат дека за овие болни неопходна е биолошка терапија и изземање на квотата на инхалаторни лекови

Бројот на новодијагностицирани и амбулантски прегледани болни од астма е во пораст. За лекување на пациентите со тешка форма на астма им е неопходен посебен вид биолошка терапија, која сè уште не е достапна и не е регистрирана во државава. Во врска со подигнувањето на пропишаните лекови во аптеките, од Фондот за здравствено осигурување е побарано изземање на квотата за инхалаторните лекови, бидејќи пациентите трошат многу енергија и време барајќи го пропишаниот лек. 

Ова беше потенцирано од страна на лекарите на Клиниката за пулмологија по повод одбележувањето на Светскиот ден на астмата.

Доктор Бисерка Ќаева Јовковска, која е претседател на Македонското здружение на лекари пулмолози, истакна дека комбинираната инхалаторна терапија е на позитивната листа на лекови и благодарение на таа терапија не е регистриран тежок случај со астма.

– Нашите напори ќе продолжат и натаму да издејствуваме и болните со тешка форма на астма да ја добијат терапијата. Има проблем со кој ние секојдневно се соочуваме, а се однесува на подигнувањето на лековите во аптеките. Како Здружение се обративме до Фондот за здравствено осигурување во однос на изземање на квотата за инхалаторните лекови, бидејќи пациентите трошат многу енергија и време барајќи го препишаниот лек од нас, рече д-р Ќаева Јовковска и упати апел до надлежните пропишаниот лек пациентите да го добиваат навреме за да ја држат болеста под контрола.

Директорот на Клиниката, д-р Дејан Докиќ рече дека изминатата година амбулантски биле прегледани 1.450 пациенти, во 2017 година – 1.403 пациенти, а во 2016 година – 1.343 пациенти. Посочи дека има тренд на намалување на бројот на пациенти кои се хоспитализирани поради астма, што значи со полесни форми на болеста има поголем број пациенти, а заради добрата превенција има намалување на бројот на пациентите со тешка и сериозна болест кои бараат хоспитализација.

Изминатата година биле хоспитализирани 260 пациенти, во 2017 година – 279 пациенти, а во 2016 година 282 пациенти. Ова се должи на едукација на пациентите и објаснување како да ги земаат современите лекови кои главно се по пат на инхалации, додаде д-р Докиќ.

Доктор Горица Брешковска од Клиниката за пулмологија рече дека препорачуваат секој пациент со својот доктор да направи план, што ќе му овозможи да ги редуцира ризиците и да ги контролира симптомите.