Скопје за пречекот на новата 2022 година ќе се закити со новогодишни украси и ќе светне голема елка на плоштадот „Македонија“. Ова е предвидено во тендерот што го распишаа градските власти за украсување и декорирање на градот по повод новогодишните празници.
Учесниците во тендерот треба да понудат решение како да се украси плоштадот и централното градско подрачје со светлосни елементи и ефекти.
– Проектните активности ќе бидат реализирани во две фази. Во првата која е предвидено да трае да 20 ноември треба да се обезбедат украсните елементи, светилки и слично, да се постави централната елка на плоштадот „Македонија“ (прецизно локацијата ќе се утврди подоцна), како и елки на некои други локации – се наведува во тендерските услови.
Во втората фаза која е предвидено да трае од 15 до 21 јануари 2022 година ќе се отстранува украсната светлосна декорација.
Лани, за новогодишното украсување Градот потроши 243.903 евра или околу 15 милиони денари, а тендерот го доби, како и вообичаено години наназад, фирмата „Линк Медиа Плус“. Но, поради пандемијата со коронавирусот на градскиот плоштад изостана новогодишната прослава во вечерните часови.
(А.П.)