Распишан оглас за изработка на проект за автобуско метро од Ѓорче до Ново Лисиче

2197

Градот  Скопје ја започна постапката за воведување на нов концепт на јавен превоз, кој пред година и половина го најави скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

Веќе е распишан јавниот оглас за изработка на проект за изградба на брз автобуски систем, поточно автобуско метро, за трасата Ѓорче Петров – Ново Лисиче (запад– исток), по што ќе се потпише договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и ќе биде објавен и оглас за набавка и воведување на новиот јавен превоз во Скопје.

Како што се наведува во јавниот оглас, основната цел на проектот е намалување на сообраќајниот метеж, зголемување на просторот за паркирање, намалување на загубите на време при патување, како и намалување на загадувањето на животната средина.

Своите понуди заинтересираните треба да ги достават најдоцна до 03.09.2020 година во 12:00 часот, кога и ќе се спроведе нивното јавно отворање.

Имено, станува збор за имплеменатција на првата фаза од проектот за изведување на брз автобуски систем во Скопје, изградба на една брза автобуска линија, со траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче (запад-исток), односно од кружниот тек на улицата „Борис Сарафов“, булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Лука Геров, до терминалот во Ново Лисиче. Трасата ќе биде со приближна должина од 12,81 километри во една насока, ќе има 21  автобуска постојка, два терминали и исто толку депоа.

Во тендарската документација се бара возилата да се движат по крајната лева лента и таа да биде одвоена од другите ленти, за да не може по неа да возат други возила или да се паркираат.

Исто така, проектантот треба да предвиди дека сообраќајната лента за движење на возилата на „Бас рапид транзит“ (БРТ) во однос на останатиот моторизиран сообраќај треба да биде одвоена со посебни разграничувачи, со исклучок на крстосниците каде што треба да остане можност за мешање со останатиот моторен сообраќај.

-Да се направи анализа што ќе се случи зимно време при чистење на снег и во зависност од резултатите да се даде мислење дали поставувањето на разграничувачи е неопходно или ќе биде доволно да се постави хоризонтална сигнализација. Ако се постават разграничувачи, истите по потреба да можат да се дислоцираат. Доколку не може да се постави на крајната лева лента, да се достави предлог на која лента е тоа најизводливо- стои во јавниот оглас.

Ако возилата се движат по крајната лева лента, тогаш автобуските станици ќе се постават во средишното зеленило и тие ќе се користат за двете насоки на движење. Во зависност од водењето на трасата на БРТ, проектантот треба да има предвид отворен или затворен систем на организација на автобуските настрешници. Исто така, на автобуските постојки треба да се постават информативни панели кои ќе го покажуваат времето на пристигнување на автобусите, а се предвидува и електронски систем на наплата.

Според објавениот јавен оглас, оваа траса ќе ја користат приближно 65.000 патници на ден.

Со имплеметацијата на првата фаза од овој проект, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути, да се намали за повеќе од 50 проценти, да се зголеми фреквенцијата на автобусите на 3 до 4 минути, а автобусите да бидат хибридни (CNG погон), со должина од 18 метри.

Во јавниот оглас се предвидува улицата „Диитрија Чуповски“  да биде пешачка зона и трасата да биде наменета исклучиво за возила од јавниот превоз кои ќе се движат со брзина на пешаци.

Воведувањето на новиот концепт на јавен превоз ќе чини 70 милиони евра.

(А.П.)