Размената на Македонија со земјите од регионот далеку зад можностите

1011

Домашните компаниите треба да ја зголемат размената со земјите од регионот, која и покрај можностите се движи од 10 до 12 отсто, апелираат од Стопанската комора на Македонија
Малите и средни претпријатија треба повеќе да ги користат можностите што ги нуди Европската мрежа на бизнис можности во Македонија (ЕЕН Македонија), за да ја зголемат својата конкурентност, иновативност и полесно да излезат на европскиот пазар. Покрај тоа компаниите треба да ја зголемат размената со земјите од регионот, која и покрај можностите се движи од 10 до 12 отсто, апелираат од Стопанската комора на Македонија.
Според Влатко Стојановски од Стопанската комора регионалната соработка и клучна компонента за поттикнување на малите и средни претпријатија, поддршка на претприемачката култура и за промоција на нивниот производи и интернационализација на европските пазари.
– Неопходно е да се развиваме како единствена инвестициска дестинација со истакнување на различните компаративни предности што ги има секоја економија од регионот, фирмите од земјите во соседството да ја унапредат колаборацијата за да го подигнат нивото на конкурентност на регионот на пазарот на ЕУ, вели Стојановски.
Според него, акцент треба да се стави, дополни, на развивањето на регионалната инфраструктура за подобро поврзување со европските држави, како и на креирањето заеднички регионални ланци за снабдување и настап на трети пазари.
Европската мрежа на бизнис можности постои десетина години, застапена е во околу 60 држави, а во неа се вклучени 600 партнерски организации и 3.000 експерти. Преку македонскиот конзорциум лани поддршка за партнерство добиле 119 домашни компании, вкупно 137 странски покажале интерес за соработка со наши фирми, а остварени биле 36 бизнис партнерства.
– Годишно, на глобално ниво, повеќе од 250.000 мали и средни претпријатија добиваат некаква услуга од партнерските организации на Мрежата, а 52.000 добиваат совети за унапредување на нивната иновативност, раст и интернационализација. Преку 20.000 компании, пак, преку Мрежата учествуваат на меѓународни настани, информира Стојановски.
Мрежата е застапена во повеќе од 60 држави и е најголема мрежа за поддршка на мали и средни претпријатија, во чии рамки се вклучени повеќе од 600 партнерски организации и институции, при што повеќе од 3.000 експерти се вклучени во активностите на мрежата, давајќи поддршка и практична помош за компаниите кои сакаат да ги освојуваат европските пазари. (А.С.)