Различната пресметка за домашните и странските производи го намали повратот на ДДВ и до 500 денари

Приходот од МојДДВ за второто тримесечје е намален, иако 20 проценти поврат за домашните и 10 проценти за странските не се пресметува за целото тримесечје, односно за април, мај и јуни туку само за јуни и тоа од 12 до крајот на месецот

913

Граѓаните кои скенираат сметки за да им се врати дел од платениот данок на додадена вредност се разочарани и крајно револтирани од новиот начин на пресметка, на и од начинот на кој таа почна да се применува.

На најголемиот дел од нив износот за поврат, што за второто тримесечје, според апликацијата МојДДВ им била пресметана минатата недела, викендов им е намалена за 100, 200, па дури и за 500 денари. Причина за ова е владината уредба со која наместо 15 проценти од вкупниот ДДВ на фискалната сметка, како што се враќаше во изминатава година, сега повратот за домашните производи е 20 проценти, а за странските само 10. Соопштението дека се прават нови пресметки по тој терк и дека конечниот износ за исплата може да претрпи промени, УЈП го пушти во средата, за во текот на викендов граѓаните да останат шокирани од намалениот поврат.

Ова ги зовре социјалните мрежи. Речиси сите коментари за овој потег се негативни. Граѓани се жалат дека за тримесечјето го достигнале максималниот износ од 1.800 денари, па престанале да скенираат. Велат дека да знаеле дека сметката ќе им се намали за 300, 400 или 500 денари, ќе продолжеле со скенирање на фискалните. Некои прашуваат како е можно законите да се применуваат ретроактивно. Има и такви забелешки дека со ова се надоместуваат донациите од кои голем број граѓани се откажаа.

-Сметката наеднаш ми се намали за 100 денари. Не знам зошто, ми рекоа дека е зголемен повратот за домашните производи, а намален на странските. Па во продавниците има многу малку домашни производи. Овој месец добив домашна платежна картичка, но бавно ја трошам, зашто има многу малку прехранбени производи, козметика и слично од домашни производители. Мислам дека и понатаму од МојДДВ ќе добивам помалку пари, вели студентка од Скопје.

Инаку, граѓаните за второто тримесечје добија помалку од МојДДВ, иако различен процент на повратот за домашните и странските производи не им се пресметува за сите три месеци, односно за април, мај и за јуни, туку само за јуни и тоа од 12 до крајот на месецот.

Од Управата за јавни приходи велат дека не се работи за кратење на парите, туку за примена на уредбата на Владата која важи од 12 јуни, најдоцна до крајот на годината. Според таа уредба се двојат македонските од другите производи.

-Оваа пресметка се врши од денот на влегување во сила на уредбата со законска сила и не подоцна од 31.12.2020 година. Со оваа уредба се поттикува потрошувачката на македонски добра и услуги. УЈП согласно Уредбата ја приспособи апликацијата МојДДВ, соопштија од Управата.

Оттаму додаваат дека со оваа  нова функционалност, МојДДВ освен враќањето назад пари кај граѓаните и борбата против неформалната економија, ќе придонесе и кон ревитализирањето на домашната економија.

(С.В.)