„Потребата во нашата книжевност да се користат мудроста и квалитетот на македонската говорна традиција треба да биде побележито, поупорито и во еден континуитет. Тоа е всушност темелот, јадрото, изворот на кој се надградува и нашата пишана литература и е зачуван и кодифициран нашиот македонски прекрасен јазик. Децата, пак, се специфична возраст и затоа треба овие дела да им ги направиме подостапни, да им ја доближиме говорната култура и да ги научат тие морални доблести преку искуствата и мудроста на нашите предци“, вели Мукаетов за весникот ВЕЧЕР, кој неодамна ја издаде и третата книга за деца инспирирана од творештвото на Цепенков

 

 

Токму средбата со нашите најубави шеговити приказни за Итар Пејо, мариовскиот итрец и најпопуларниот јунак на народното усно раскажување, стихувани во најновата книга за деца „Мариовски сказни, Пејови приказни“, на писателот Васил Мукаетов, беше повод за разговор за тоа колку народното творештво е присутно во литературата за деца, колку тие читаат и колку родителите се вклучени во доближувањето на книгата и читањето до децата…

Кратко време откако излегоа од печат Вашите книги „Што е, а што не е?“ и „Од згода до згода, заграб бистра вода“, јавноста ја дочека и третата книга за деца инспирирана од творештвото на Марко Цепенков „Мариовски сказни – Пејови приказни“. Кажете ни нешто повеќе за самата книга?

„Мариовски сказни – Пејови приказни“ е всушност книга во која се собрани итроштините на нашиот Итар Пејо. Што е тука специфично? Ние почувствувавме дека стогодишнината од смртта на Марко Цепенков е добра можност да се потсетиме уште еднаш на неговото творештво, на неговото културна оставштина за неговиот народ. Но, се разбира, и на еден поинаков, поинтересен начин да го пренесеме на децата. Приказните во книгата, а ги има околу 45, се претставени во стихови, но поентата е задржана максимално, со нејзината оригиналност и уникатност. Притоа внимавав на зборовите кои што се од турско потекло, а биле долго употребувани во македонскиот јазик, со цел да го задржам духот на приказната, а да не бидат внесени многу непознаници. На крајот имаме и табела на објаснување. Сакам да напомнам дека секој народ има свој јунак над јунаци. Тој е симбол на неговата традиција, историското опстојување, мудроста и животните прилики и неприлики. Во нашиот случај Итер Пејо со неговите досетки е длабоко вкоренет во колективното паметење на нашиот народ. Тој патува со своето неуморно магаре по својот свет, по “Прилепов наш“, надитрува, објаснува легенди, исправа неправди. Се расправа и со своите соселани кои многу ги сака и ги нарекува “балиња“, а и народот му враќа со иста мерка. Овој збир на карактери и решенија, како и животните прилики кои се претставени на хумористичен начин, народот од тоа време ги има задржано и пренесено. Тие и денес се потсетник на убавите нешта, на потребата да се биде истраен и кога е тешко, убеден дека решението може да се најде…

Што Ве инспирираше да започнете да ги пишувате овие книги и која е всушност нивната намена?

Инспирацијата доаѓа од таму што сметам дека е константно потребно да се потсетува на македонската говорна традиција и таа да се продолжува. Таа земала замав, односно се формирала најмногу во првата половина на 19 век, кога нашата македонска преродба станува доминантен жанр што го определува духот на времето. Оние кои биле дејци на таа преродба и кои што го собирале она што народот го кажувал како мудрост, се залагале и да ја афирмираат, и до свеста на луѓето да ги доведат сознанијата за своите корени. Тргнувајќи оттаму, сметам дека е многу логично дека со народните умотворби и обичаи се задржуваат автентичните корени и обележјата на народот и јазикот и неговата културна меморија. Во тоа време нашиот упорен и многу талентиран Цепенков имал можност да се среќава со Миладинов, Шапкарев, Жинзифов и тие да го поттикнат да ги собира народните умотворби, а тоа богатство е собрано и објавено во десет тома… Тука некаде би ги заокружил моите мотиви што пулсираат, тоа богатство просто инспирира не само да се потсетиме на народното творештво туку и да продолжиме понатаму да го пренесуваме.

Со оглед дека долги години творите токму за децата, кажете ни колку народното творештво е присутно во детската книжевност и сметате ли дека треба да биде многу повеќе застапено?

Мислам дека нашата македонска говорна традиција има свои траги во лектирите и посебно во некои од литературни списанија за деца, и тоа е добро. Но, ми се чини дека тоа е малку. Потребата во нашата книжевност да се користат мудроста и квалитетот на традицијата треба да биде побележито, поупорито и во еден континуитет. Да не се случува само прославите и годишнините да бидат повод. Тоа е всушност темелот, јадрото, изворот на кој се надградува и нашата пишана литература и е зачуван и кодифициран нашиот македонски прекрасен јазик. Децата, пак, се специфична возраст и затоа треба овие дела да ги направиме подостапни. Да им ја доближиме говорната култура и да ги научат тие морални доблести преку нашата традиција и искуствата на нашите претци. Нивната мудрост да се пренесува од колено на колено, на идните генерации.

Според Вашите сознанија, колку денешните деца читаат книги и каков предизвик се тие за нив во оваа ера на дигитализација?

Имаме една реална интересна ситуација. Никогаш не сме имале толку многу издавачи, толку многу книги во книжарските витрини, а сета мисла се врти околу тоа дали децата доволно читаат? Тука има една многу сериозна димензија, научна. Од страна на нашите надлежни институции треба да се направи сериозно истражување од кое ќе се види, паралелно со лектирите, колку нашите деца читаат. Од контактите со децата сепак мислам дека има голем број деца кои читаат, и тоа не е така само затоа што сакам да сум оптимист. Но, треба да бидеме на јасно, постои зборот квалитет и чувство дека децата се многу способна категорија, која има поголем стандард не само поради технологијата. Тие повеќе  знаат, повеќе можат да примат и тука изразот на поезијата треба да биде на начин кој ќе внесе и современи димензии, а не само да ги обработува темите. Моето залагање е да се заземе посовремен чекор. Треба да се внесе духовитост, како и оние амбиенти во кои детето живее. Затоа неоправдано е да се рече дека децата не читаат. Треба да направиме многу повеќе за тие да читаат. Родителите треба да се интересираат што читаат децата, да помогнат заедно со психолозите и писателите и тој амбиент мора да биде колективен. Не треба да се отстапи и да се смета дека има телевизија, компјутер, туку битна е книгата и концентрација додека се чита, дури и мирисот на книгата… Утре кога ќе порасне треба да биде способно само да ги продолжи своите знаења. Тука е битна и критиката, треба да има жива критичка мисла.

Дали веќе подготвувате некоја нова книга и која тема ќе биде опфатена?

Да, книгата се вика “Има ли и страна петта“. Провокативен е насловот и целата содржина. Општо познато е дека светот има четири страни, но дали има и страна петта. Тука се мисли на барање на решение кое не е можно. Треба да се бара содржински и изразен модел преку кој детето ќе научи, а преку оваа воведна песна и да се потсети на Дон Кихот, Кралот Ричард…, така што сметам дека оваа книга ќе најде пат до читатели. Водевме и разговори со деца од основното училиште “Кочо Рацин“ и тие одговараа на многу прашања, како на пример кој им е најтежок ден, што би пронашол кога би бил пронаоѓач, како се спасуваш од разни ситуации… Одговорите ги имам собрано и најдуховитите ги пренесувам во стихови, како дополнителен дел во книгата. Битката е да се дојде до интересот, интелектот на детето и да почувствуваме дека ќе ја прочита со интерес. Кога кај нив ќе се појави насмевката тоа е знак дека работата е завршена успешно.

Која е Вашата порака упатена до децата, а која до родителите со оглед дека некако се помалку имаме време за книга?

Во ова специфично време пред се сакам да им порачам и на родителите и на децата, да го чуваат здравјето. Она што ме погодува во моментот е неможноста да децата да бидат во училиштата со своите другарчиња, а тоа секојдневие кое е испрошарано со другарство, со трепет, така всушност се созрева. Затоа им посакувам што побрзо да се вратат во школските клупи. Второ, нека ни веруваат на нас постарите дека книгата и читањето е основа на формирање на личноста и способноста да се разбере светот, да бидеш негов составен дел, да бидеш потребен за себе и за другите. За родителите, во ова специфично време со нов модел на егзистирање треба да одвојат малку повеќе време за афирмација на книгата, да помогнат да се вклучат паралелно со наставниците да ја засакаат книгата. Треба да имаме чувство дека составен дел на формирањето на детска личност и возрасен е книгата.

Даниела Трајковска