„Иако како институција работиме шест месеци, оркестарот постои веќе 7 години (под името ЗЏМ) и низ годините, од публиката овој оркестар беше препознаен по квалитетот, разновидната програма, гостите кои настапуваа со нас, како и високото ниво на реализација на концертите. Најважно е дека добриот, целокупен тим и умешноста на музичарите од оркестарот, со својата посветеност прават вистинска магија на сцената, па оттука, неминовни се позитивните реакции од страна на публиката“, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР, Гоце Стевковски, директор на Националниот џез-оркестар

Националниот џез-оркестар како национална установа постои веќе шест месеци, период кога одржа повеќе концерти и имаше настапи со реномирани имиња. Новите простории во кои треба да се смести Националниот џез-оркестар се реновираат, а се очекува тие да бидат готови до почетокот на октомври. Да потсетиме, одлуката за основање на новата национална установа во културата – Националниот џез-оркестар, Владата ја донесе минатата година. Оваа установа треба да придонесе кон создавање висококвалитетен македонски џез-производ, којшто ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез-сцена и по својата уникатност ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа. Меѓу другото, треба да ги зачува талентираните џез-музичари, да им овозможи траен и одржлив ангажман, да се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, да организира џез-фестивали и настани коишто ќе помогнат во негувањето на џез-културата на територијата на целата држава. За предизвиците и за идните планови на оваа установа разговараме со Гоце Стевковски, директор на Националниот џез-оркестар.

Како национална установа Националниот џез-оркестар стартуваше со концертот „Jazz Nova“, следуваа „Хитовите на Френк Синатра“, „Џез лектира“… Колку сте задоволни од реакцијата на публиката во Скопје, гостувавте и во Велес,…

Од одличната посетеност на нашите концерти, може да заклучам дека имаме  задоволна  публика, а тоа е еднакво и на задоволен оркестар! Иако како институција работиме 6 месеци, оркестарот постои веќе 7 години (под името ЗЏМ) и низ годините од публиката овој оркестар беше препознаен по квалитетот, разновидната програма, гостите кои настапуваа со нас, како и високото ниво на реализација на концертите. Најважно е дека добриот, целокупен тим и умешноста на музичарите од оркестарот, со својата посветеност прават вистинска магија на сцената, па оттука, неминовни се позитивните реакции од страна на публиката, било тоа да е во Скопје, Велес, Загреб, итн…

Веќе неколку месеци сте под капата на државата, односно на Министерството за култура. Што смени тоа на содржински, логистички и финансиски план?

„Содржински“ ако под тоа мислите „програмски” не правиме отстапки од она што e квалитет! На тема финансии и логистика, секако дека е подобро од претходно, но за да застанеме на нозе како другите институции од културата, ќе треба време и работа.

Во изминатиов период настапувавте со реномираните Курт Елинг, Џон Рајли, како и Зиги Фајгл, а концертите од публиката беа позитивно оценети. Како дојде до соработка со овие светски познати имиња?

Со Курт Елинг за првпат настапивме на „Загреб џез-фестивал“, 2021 година, каде после концертот не стивнаа позитивните реакции од новинарите и публиката, па одлучивме да го донесеме во Скопје. Ова беше сериозен предизвик од секој аспект, особено поради тоа што Курт е еден од најголемите џез вокали на денешницата, со многу награди и признанија, вклучувајќи две Греми награди, а само два дена пред концертот во Скопје од Светското здружение на џез-новинари беше прогласен за најдобар џез-вокал за 2024.

Соработката со диригентот Зиги Фајгл и тапанарот Џон Рајли (исто така Греми добитник) ја договоривме минатата година. Овој концерт беше повеќе од едукативен карактер и самите подготовки за концертот самоиницијативно беа посетени и од други музичари, каде уште еднаш се потврди дека имаме одличен оркестар и прекрасни солисти, за кои гостите не штедеа зборови да потенцираат во секоја прилика. На концертот беа изведени едни од најмаестралните дела за овој вид оркестар.

Националниот џез-оркестар неодамна гостуваше и во Тирана. Какви се впечатоците, приемот од настапот кај нашиот западен сосед?

Концертот беше одржан во соработка со Културниот центар во Тирана, во полна сала, а самите овации од страна на публиката кажуваат за приемот што го имавме. Секогаш ни претставува големо задоволство со нашиот оркестар да се претставуваме и надвор од границите на нашата земја, и со тоа, на еден убав начин, да ја претставуваме и нашата култура и државата.

Беше најавено дека периодов треба да бидат готови новите простории во кои Националниот џез-оркестар треба да се смести. До каде се подготовките и кога очекувате тоа да се случи?

Просторот се уредува и првата фаза е при крај. Останува реализација на втората, завршна фаза која според надлежните би требало да биде готова до почетокот на октомври.

Дали Националниот џез-оркестар, освен верната џез-публика, почна да привлекува и нова? Потребна ли е едукација на македонската публика за џез-музика?

Се надевам дека привлекуваме… да! Публиката на нашите концерти е од 7 до 77, што е и наша мисија. Со самото присуство на овие концерти, публиката има можност да слушне квалитетна музика, без разлика дали е од македонски или други музичари /автори и со тоа да биде дел од тој креативен процес, па ако сакате може да кажеме и едукативен.

Можете ли да ни кажете кои се плановите на Националниот џез-оркестар во наредниов период? Можете ли да ни откриете кои имиња ќе засвират/настапат со Националниот џез-оркестар следната сезона?

До крајот на годинава имаме повеќе ангажмани како гостување во Хрватска поточно концерти во Сплит, Шибеник и на островот Вис, потоа настап на Сараево џез фестивал, концерти во Загреб, Пула и Белград, но и концерти кои се во редовната програма на оркестарот каде како солисти ќе настапат Васил Хаџиманов, Стјепко Гут, Владимир Николов, Мартин Ѓаконовски Шпато, и за првпат ќе имаме детски новогодишен концерт наменет за помладата публика. (Н.И.Т.)

Фото: Ѕ. Плавевски; Фото: П. Стојановски