Разговорот „Ум за медиум; медиумите на крстопат“ во Јавна соба

8

Во Јавна соба (во Конференциската сала) на 13 февруари во 19 часот ќе се одржи промоција и разговор насловен „Ум за медиум; медиумите на крстопат“. Во разговорот ќе учествуваат Александра Бубевска, Никола Гелевски, Ѕвездан Георгиевски, Бојан Кордалов и Фросина Крушкаровска.

Како што сугерира насловот, на настанот ќе се разговара за медиумите. За новите медиумски формати, новите тенденции, променетите општествени контексти и концепти, за потребата од медиумска писменост и за развивањето на критиката и критичката култура, пред сè во сферата на медиумите.

Во рамките на настанот ќе биде промовирана новата рубрика „Медиум на друм“, на порталот „Окно“. Рубриката се занимава со медиумите (авторефлексивно, едукативно, критички), но во еден малку поинаков формат – текстовите главно се кратки и придружени со анимирани гифови. Педесетина гифови направени од Александар Јосифовски, Мирјана Лозановска и Димитар Грчев ќе бидат прикажани на настанот.

Разговорот го организираат здружението Контрапункт и порталот за култура „Окно“. Настанот е поддржан од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.