Разводот на родителите се прекршува врз децата, но страдаат и бабите и дедовците

546

На 11 проценти од децата им се прекршени правата преку бракоразводни постапки. Може да се забележи дека најмногу се прекршува правото на детето по видување што е дури 85 проценти од 20-те пријавени случаи. Застапени се и проблемите кои се јавуваат при доделување на старателство. Покрај правото на детето за видување со едниот од родителите, имаме дојави и за прекршени права за видување со бабата или дедото, велат од „Меѓаши“

Поради проблемите меѓу возрасните и честите разводи, децата се присилени да живеат разделени од едниот или двајцата родители, од нивните браќа и сестри, дедовци и баби. Притоа, често се случува откако едниот родител кој го добил старателството врз детето или децата, да одбива да ја спроведува одлуката за дозвола за видување, односно остварување контакти со другиот, или пак родителот кој не е старател да не се грижи за нив, па да не го искористува правото да се гледа со нив.

На дежурниот СОС-телефон на Првата Детска амбасада во светот „Меѓаши“, минатата година биле евидентирани 20 јавувања од родители или блиски роднини кои пријавиле дека не можат да си ги гледаат своите деца или внуци поради тоа што не им дозволува родителот/старател.

– На 11 проценти од децата им се прекршени правата преку бракоразводни постапки. Може да се забележи дека најмногу се прекршува правото на детето по видување што е дури 85 проценти од 20-те пријавени случаи. Застапени се и проблемите кои се јавуваат при доделување на старателство. Покрај правото на детето за видување со едниот од родителите, имаме дојави и за прекршени права за видување со бабата или дедото. Овие деца можеме да ги ставиме во категоријата деца – жртви, поради тоа што страдаат заради проблемите кои ги имаат нивните родители, а кои најчесто се однесуваат на комуникацијата меѓу нив – велат од „Меѓаши“. 

Социолозите велат дека разводот не е најлошата работа на светот. Траумата станува полоша кога еден од родителите по разводот буквално престанува да биде родител. Тогаш децата најмногу страдаат затоа што им се чини дека со заминувањето на еден од родителите почнуваат да губат и еден дел од себе. Особено ако родителот одлучи да ги прекине контактите.

– Затоа родителите мора да знаат дека тие се единствените родители на своите деца и дека разводот не ги прави помалку родители туку само родители што живеат на различни адреси – нагласуваат социолозите.

(С.Бл.)