Во градот Линц, поточно во областа Линц-Ланд, разбиена е радикална исламистичка група од десет члена, соопшти австриската Управа за државна безбедност и разузнавање (ДСН).
Деветмина мажи и една жена на возраст меѓу 15 и 23 години наводно биле вмешани во терористичките организации Исламска држава (ИД) и Емирати Кавказ. Еден 18-годишник веќе бил во притвор, пренесува „Кроатив.“
Осомничените се од Австрија, Турција, Ирак, Руската Федерација и од Хрватска (имаат државјанство на тие држави) или се без државјанство и живеат во областа Линц-Ланд, а некои имаат криминални досиеја.
Според соопштението на ДСН, осомничените „воделе кампања за терористички групи“ и наводно приспособиле посебна просторија за молитва украсена со знамето на ИД. При претресите на куќи на почетокот од јули, беа одземени десетици мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, други носачи на податоци и пропаганден материјал.
Против осомничените се води истрага поради сомнение за сторено кривично дело криминална и терористичка организација.
Од Управата за заштита на Уставот сè уште не сакаат да ги обелоденат сите детали во јавноста.