„Аристократија на уметничкиот дух – тоа е Раде Шербеџија“, со овие зборови писателот Венко Андоновски го опиша познатиот југословенски актер со холивудска кариера Раде Шербеџија, кој, пак во свој стил на промоцијата на својата последна книга „По дождот“ во Скопје испеа неколку песни, но ја поттикна и публиката заедно да ја испеат македонската „Со маки сум се родила“ 

„Од секоја книга човек станува побогат за еден човек. Книгите се луѓе, луѓето се книги, ама за жал ние слабо читаме и слабо познаваме луѓе. Книгата на Раде Шербеџија ни е лекција како да ги читаме другите. Ова не е автобиографска книга, ова е книга за другите, за сите луѓе кои поминале низ животот на Шербеџија и оставиле траги. Тој става белешки на маргините на книгата за нив, што значи: читајте ги луѓето околу себе така што ќе им оставите белешка на маргините на душата. Тоа е пораката на оваа книга. Но на маргините на книгата Раде си оставил белешка и за сопствената душа“, рече писателот и промотор Венко Андоновски на синоќешната промоција на книгата „По дождот“ на познатиот југословенски и холивудски актер Раде Шербеџија, која се одржа во Скопје. Во опуштена атмосфера, на сцена како во театар, со гитара, со верни обожаватели на еден од најголемите актери на југословенското глумиште, речиси два часа се зборуваше за книгата, за животот на Шербеџија, се пееја песни, се евоцираа спомени.

„Аристократија на уметничкиот дух – тоа е Раде Шербеџија“, со овие зборови Андоновски го опиша балканскиот боем, кој, пак во свој стил на промоцијата на својата последна книга „По дождот“ испеа неколку песни, но ја поттикна и публиката заедно да ја испеат македонската „Со маки сум се родила“.

За Андоновски, ова е автогеографска книга што значи обид да се лоцираш себеси каде припаѓаш географски. „Секој кој не знае каде му е домот, мора да ја прочита книгата. Епицентарот на нештата е домот и Раде во книгата се прашува на неколку места што е дом. Но заедно се согласуваме дека домот не е некаде, домот е со некого. А Раде најде дом, не само во Хрватска, Србија, Словенија туку и Лондон, и во Америка. Каде е тој дом на Раде Шербеџија? Таму е – каде што е Раде, односно каде што ќе се најде тој – прави дом“, истакна Андоновски посочувајќи дека книгата прави една лична географија за авторот, но и дека во неа ќе може да се прочита за многу личности од театарот, од филмот, од музиката, од Холивуд, од Русија, од целиот Балкан.

Книгата, која е во издание на „Три“, ги покренува и прашањата за странствувањето и глобализацијата. Во книгата Шербеџија ги опишувал и своите мисли во мавзолејот на Ленин во Русија, но и за некои непријатни искуства во САД. „Книгата дава слика и за Русија, и за САД, но најмногу за екс Југославија“, рече Андоновски, истакнувајќи дека во неа се споменуваат легендите на југословенскиот театар и филм, како: Данило Бата Стојковиќ, но и личности како Коча Поповиќ и Јованка Броз. Раскажувајќи сегменти промоторот рече дека во книгата има и жестоки страници на критика на агресивната политика на политичкиот центар што се вика САД. „Во книгата има епизода со Весли Кларк, генералот задолжен за пеплосување на Југославија, кој сака да се запознае со Раде, но овој одбива и издржува на тоа да не разговара со него. Кога Кларк му рекол: ′Ја видов вашата улога во филмот, прекрасна е′, Раде му рекол: ′Вашата улога во мојата татковина беше катастрофална′“, додаде Андоновски.

Во „По дождот“, Шербеџија за Македонија, пак, говори преку филмот на Милчо Манчевски – „Пред дождот“. „Тој настан е пресуден во неговиот живот, а насловот на книгата ни докажува дека Шербеџија е македонољуб и македонофил. Тој својот живот го дели до ‘Пред дождот’ и потоа, затоа што тогаш започнува неговата холивудска кариера. Раде во својата книга вели и дека Скопје му е најдраг град, а раскажува и за некоја Македонка со која споделил најинтимни чувства. За неа, Шербеџија пишува со почит како што Данте пишува за својата Беатриче. А секогаш кога доаѓа во Скопје тука се Горан и Влатко Стефановски, Игор Џамбазов, Бодан, Медо…“, истакна Андоновски.

Шербеџија, пак, онака актерски, својата книга ја промовираше, пеејќи со и за публиката, шармирајќи ги присутните. Рече дека не ни помислил дека е писател, а поет дај Боже да биде, но сакал да се занимава со литература. Зборуваше за својата актерска кариера, добивањето на улогите, домот, малите култури, малите јазици, нивното исчезнување… „Глумата е мојата професија, а не литературата“, рече. Но пишувал на пробите, во некој свој дневник, за театарот, и тоа траело со години… „Не сум писател, не сум поет, мојата страст е филмот, а претходно театарот“, рече Шербеџија, кој зад себе има опус од околу 200 филмови.

(Н.И.Т.)

Џоли на Шербеџија: Зарем не сте гледале ниту еден мој филм!?

„Раде во Америка другарувал и ги запознал Дастин Хофман, Ал Пачино, Џејн Фонда, Ванеса Редгрејф, Лијам Нисон, Ралф Фајнс, Том Круз, Бред Пит, Анџелина Џоли, Никол Кидман“, рече Андоновски зборувајќи за книгата.

Тој пред публиката ја раскажа и анегдотата за средбата на Шербеџија со познатата холивудска актерка Анџелина Џоли, во која тие се сретнале и разговарале во некој хотел, а тој искрено ѝ рекол дека не гледал ниту еден нејзин филм.

„Таа била шокирана, а го повикала на соработка за снимање за филм за Сараево. Претходно тој по телефон ѝ рекол дека не сака да учествува во филм во кој се говори за војната во неговата земја. Но, таа инсистирала тој да глуми во филмот. И кога конечно се сретнале и вечерале, таа почнала да му објаснува “… знаете како во оној мој филм… И Раде ѝ рекол: „Во кој филм?“ А таа: „Зар, вие, не сте гледале ниту еден мој филм?“ И тој одговорил: „Не!“, додаде Андоновски, посочувајќи дека тоа е тајната на Раде Шербеџија, што е бескрајно искрен, генијален и спонтан.