Ние во ОМД сметаме дека нема никаква реалност за спречување на оваа резолуција, бидејќи причините зошто не беше изгласана во 2021-2022 година е затоа што се распушти Сенатот, а не затоа што беше одбиена резолуцијата, вели директорот на ОМД за Македонија и за Европа, Гордан Јорданов, во изјава за весникот ВЕЧЕР. |
Иницијативата на ОМД за прогласување на септември за месец на македонско-американското наследство ги мобилизираше бугарските организации во САД со сите можни средства да го спречат изгласувањето на оваа резолуција во американскиот Сенат. Бугарски „Труд“ пишува дека „Скопје го користи Вашингтон против Бугарија“ и во текстот обвинува дека предложената резолуција од републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон, е полна со „фалсификати и манипулации“ и дека најстарата бугарска организација во САД, „Пирин“ од Чикаго, заедно со други бугарски организации, ја продолжува кампањата со протестни писма против резолуцијата, потсетувајќи дека токму по интервенција на Бугарите преку океанот и нивните организации, лани двата дома на Конгресот отфрлиле слични документи, а исти напори се вложувале и сега, против предложената резолуција.
– Останатите вечни нацрт-резолуции беа засновани на фалсификати и манипулации и беа наменети да го искористат Конгресот на САД како алатка за препишување на историјата и легитимирање на тврдењето дека „македонски“ етникум и јазик постоеле пред 1944 година – потсетува „Труд“ на ставот на најстарата бугарска организација во САД, „Пирин“ од Чикаго.
– Титовците од Обединетата македонска дијаспора повторно се обидуваат да ја крадат историјата на македонските Бугари во САД, и покрај тоа што во претходните обиди во 2022 година изедоа шлаканици – ги пренесува „Труд“ коментарите од членови на „Пирин“ на социјалните мрежи.
Директорот на ОМД за Македонија и за Европа, Гордан Јорданов, во изјава за весникот ВЕЧЕР појаснува дека оваа резолуција не е нешто ново што се прави, туку е како афирмација на американско-македонското наследство, односно потврда за тоа што направиле Македонците што се преселиле во Америка, и сите овие години се социјализираат и придонесуваат во општеството и ги понеле со себе културните вредности што ги имаат. Од ОМД сметаат дека нема никаква реалност за спречување на оваа резолуција, бидејќи причините зошто не беше изгласана во 2021-2022 година е затоа што се распушти Сенатот, а не затоа што била одбиена резолуцијата.
– Освен црковните одредби кои биле главни собиралишта во минатото, сега постојат и бизнис-асоцијации и слично, преку кои нашинците придонесуваат со македонската култура за афирмација на тој мултикултурен свет. Поради тоа е предложена оваа резолуција. Оваа резолуција не претставува закана за никоја друга држава, ниту, пак, за односите на САД со другите држави. Не правиме ништо против законите. Ваков месец имаат многу други држави, како Израел, Шпанија, Португалија, Италија, Франција… Не правиме ништо ново, но зошто го избравме септември? Затоа што има многу настани кои ги одбележуваат Македонците, меѓу кои и Денот на независноста. Поразително е, но многу повеќе се посветува внимание на прославувањето во дијаспората отколку во Скопје. Не можеме да знаеме кога треба да биде донесена одлуката за резолуцијата, затоа што треба да помине низ повеќе тела пред да биде ставена на гласање во Сенатот. Ние во ОМД сметаме дека нема никаква реалност за спречување на оваа резолуција, бидејќи причините зошто не беше изгласана во 2021-2022 година е затоа што се распушти Сенатот, а не затоа што беше одбиена резолуцијата. Затоа сега повторно поднесовме иницијатива. Убаво е да се донесе оваа резолуција за Македонија, со која ќе се потврди придонесот што го имаат Македонците во Соединетите Американски Држави – вели директорот на ОМД за Македонија и за Европа, Гордан Јорданов, во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Минатата година, невладината организација „Пирин“ обвини дека со неуспешните резолуции ОМД се обиделе да ги претстават како „истакнати Македонци“ луѓето што недвосмислено го декларирале и демонстрирале своето бугарско етничко потекло во текот на својот живот.
Поранешниот бугарски заменик-министер за надворешни работи, во изјава за бугарски „Труд“ вели дека „македонизмот како создавање нов идентитет отсекогаш бил државна политика на Југославија, потоа на Македонија“, додека Спас Ташев од Институтот за население и хумани студии при Бугарската академија на науките (БАН) предлага парламентарната комисија за пријателство со САД да се обрати кон американскиот Сенат и да посочи дека „станува збор за наметнување една комунистичка пропаганда“. Ташев смета дека бугарскиот претседател Румен Радев треба да разговара со својот американски колега Џо Бајден, бидејќи досега се покажало дека тоа е механизмот со кој успеваат да блокираат дел од нападите, како кога Радев го убедил Бајден дека Бугарија не е пречка за евроинтеграцијата на Македонија, туку му го објаснил „проблемот со човековите права“ во земјава.
Ваквата резолуција е од особено значење за Македонија, особено во време кога токму македонскиот јазик, историја, култура и идентитет се негираат од страна на соседна Бугарија. Во исто време, Софија очекува земјава да го промени Уставот и да ги впише Бугарите во преамбулата, а за овој чекор, власта во земјава ја бара од меѓународната заедница поддршката што ја нема од своите граѓани и опозицијата дома. |
Слично како во германскиот Бундестаг, во американскиот Сенат, републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон, претстави резолуција да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американското наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци. Во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културното влијание на македонските Американци во САД.
Во резолуцијата пишува дека од „1880-тите години, десетици илјади Македонци имигрирале во САД барајќи граѓански слободи, човекови права, верски слободи, економски можности и безбедност како одговор на Илинденското востание против Отоманската Империја од 1903 година, Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година и комунистичката политика на Југославија“.
Според проценките, денеска во САД живеат околу половина милион граѓани со македонско потекло, најголем број од нив во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.
Ваквата резолуција е од особено значење за Македонија, особено во време кога токму македонскиот јазик, историја, култура и идентитет се негираат од страна на соседна Бугарија. Во исто време, Софија очекува земјава да го промени Уставот и да ги впише Бугарите во преамбулата, а за овој чекор, власта во земјава ја бара од меѓународната заедница поддршката што ја нема од своите граѓани и опозицијата дома. (В.С.Н.)