Радев: Крајно несоодветно и нездраво е Северна Македонија да ни поставува ултиматуми

„Крајно е несоодветно и нездраво да се зборува за Бугарите и да се поставуваат некои ултиматуми. Притисокот беше уште поголем минатата година. Јас и преодната Влада го продолживме овој притисок со два последователни совета за проширување. „Многу добро ги објаснивме позициите на Бугарија и тие се прифатени. Само треба да се бранат. Станува збор за човекови права, копенхашки критериуми, говор на омраза. Тоа се работи кои не се компатибилни со европските принципи и вредности“, вели бугарскиот претседател.

136

 Крајно непримерно е да ѝ се поставуваат ултиматуми на Бугарија – рече претседателот на Бугарија, Румен Радев, коментирајќи ги последните изјави на шефот на дипломатијата Бујар Османи, дека до јуни има можност да се развијат односите меѓу Македонија и Бугарија.

„Крајно е несоодветно и нездраво да се зборува за Бугарите и да се поставуваат некои ултиматуми. Притисокот беше уште поголем минатата година. Јас и преодната Влада го продолживме овој притисок со два последователни совета за проширување. Многу добро ги објаснивме позициите на Бугарија, и тие се прифатени. Само треба да се бранат. Станува збор за човекови права, копенхашки критериуми, говор на омраза. Тоа се работи кои не се компатибилни со европските принципи и вредности“, рече тој.

Македонскиот шеф на дипломатијата , Бујар Османи, викендов  изјави дека конкретен дијалог и конкретни чекори за решавање на спорот со Бугарија се очекуваат наредниве две недели, како и одржување на втората меѓувладина седница до крајот на овој месец. Османи, меѓу другото, порача дека ова лето Северна Македонија ќе ги чека Бугарија и Европската Унија да го преземат вистинскиот чекор во однос на земјава, а доколку не се случи тоа, тој смета дека треба да се повлече линија.

– Да продолжиме конструктивно додека не се исцрпи оваа можност и по тоа да излеземе и отворено пред граѓаните, и отворено пред ЕУ, и отворено пред Република Бугарија дека не можеме граѓаните повеќе да ги малтретираме и да ги изложиме на ваков процес на циклични очекувања и разочарувања, притоа исполнувајќи ги сите услови. Мислам дека веќе е доста. Треба да знаеме на што сме, не може повеќе вака“, потенцираше Османи. И премиерот Ковачевски викендов уште еднаш порача дека ЕУ треба да ја донесе одлуката за одржување прва меѓувладина конференција, потенцирајќи дека Брисел треба да го одржи ветувањето. Лидерот на опозицијата,  Христијан Мицкоски, смета дека во јуни нема да се тргне ветото, а она што реално може да се случи е да се одржи втората меѓувладина седница. Тој побара од Европа да се обедини во однос тоа што ѝ се случува на земјава во евроинтегративниот процес, како што се обедини за Украина.

Политичкиот аналитичар и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Клековски, предупредува на опасноста во јуни од аспект дека власта е очајна и може да направи лош договор со Бугарија.

– Владејачкото мнозинство е толку очајно што е спремно да направи и непринципиелен договор со Бугарија само за во јуни да може да го демонстрира како некаков успех – смета Клековски и додава дека повеќето македонски граѓани се свесни дека нашата европска интеграција ќе трае со години, дека датумот, освен симболика, нема големо значење во тој процес и дека имајќи ги предвид ставовите на Бугарија, договор во овој момент е возможен само ако тој биде толку лош за Македонија.

Како што наближува денот Д така сè поизвесно станува дека датум за старт на преговорите нема да се случи ни за време на француското претседателство и Самитот во јуни, барем според сигналите од македонска и од бугарска страна. Ветото на Бугарија од 2020 година повторно ја остави земјава во статус кво позиција. Сè погласно е барањето од источниот сосед за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, а во исто време, државниот врв од земјава пак сè погласен е во ставот дека Уставот не е обична книга која може да се отвора или затвора кога ќе се посака. Бугарија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Другите прашања поврзани со историјата која досега беше главна пречка за наоѓање решение поради инсистирањето на Софија дека македонскиот народ не постоел до 1944 година, останува да ги решава заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања. Во последно време, кочница во преговорите е токму револуционерот Гоце Делчев.

Според премиерот Димитар Ковачевски, договор меѓу Скопје и Софија е можен единствено кога ќе има сеопфатно решение што ќе ги затвори сите отворени прашања, низ јасна временска рамка и што ќе значи безусловно кревање на ветото што го има ставено Бугарија за отпочнување на првата меѓувладина конференција.

– Имаме направено многу работа за преговори со ЕУ. Имаме донесено и тешки одлуки. И затоа ЕУ треба да ја донесе одлуката за сите земји членки, сосе Бугарија, за одржување на првата меѓувладина конференција. Се намалува довербата од оние што даваат поддршка за патот кон ЕУ“, вели Ковачевски и додава дека  „Уставот не е обична книга што може да се отвори и да се затвори, кој кога сака. Уставот се отвара врз основа на уставна процедура којашто е пропишана“,

И претседателот на државата, Стево Пендаровски, претходно изјави дека земјава мора да има некаква гаранција од Софија или од Брисел дека прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот ќе биде последното барање на Софија за отстранување на бугарското вето за старт на преговорите. Шансите за кревање на бугарското вето во јуни, според него, се помалку од 50%, затоа што, за жал, бугарската страна во последниот еден месец сака на голема врата да ја врати историјата. Тој посочи дека нарушувањето во односите почнало откако ги примил на средба претставниците од ОМО Илинден Пирин.

Пендаровски додаде дека власта и опозицијата имаат идентична позиција во однос на тоа прашање, оценувајќи дека ставот на Мицкоски оти партијата нема да поддржи промена на Уставот за внесување на Бугарите во него, доколку не се добие гаранција од Софија дека нема да има нови условувања, е сосема коректен.

Но, што ќе значи повторното одлагање на почетокот на преговорите на земјава со ЕУ и по јунскиот Самит? Според директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, останува спроведувањето на реформите, но постои и ризик од политичка нестабилност и затворање внатре.

– Постои опасност од внатрешна нестабилност доколку повторно се одложи почетокот на преговорите со ЕУ, но ние толку долго сме во чекалната на ЕУ што досега требаше да научиме да ги искористиме сите предности што ни ги дава тој статус на земја кандидат – вели Кацарска за Радио Слободна Европа.
„Доколку се откажеме и доколку тоа свртување внатре значи едно затворање, тогаш, секако, имаме ризик да порасне, под наводници, тој евроскептицизам. Ние веќе имаме пад во поддршката за ЕУ како силен актер. Иако граѓаните сè уште го поддржуваат членството. Се надевам дека доколку имаме уште една пречка, политичките елити нема да го искористат ова само за обвинување кон Европа, иако има простор за тоа, туку за да сработиме некои работи одвнатре кои ни се потребни“, вели Кацарска.

И претседателот Пендаровски смета дека доколку не добиеме датум сега во јуни, ќе треба работите малку да олабават. „Јас мислам дека по јуни, ако нема датум за преговори, ние треба пополека да ја олабавиме таа работа. Да кажеме формално, да остануваме, меѓутоа да не се оптоваруваме“, смета Пендаровски. (В.М.Б.)