Работниците се изначекаа, по три месеци стигнавме само до драфт верзија за неработна недела 

Министерството за труд и социјална политика досега требаше да ги направи измените во Законот за работни односи со кој недела требаше да биде прогласена за неработен ден. Но и по три месеци од одлуката на Владата за недела да биде неработен ден досега стигнавме само до драфт верзија, а за конечно законско решение ќе почекаме. Сепак, експертите се согласни дека не треба да се брза со носење на законско решение, а тоа го покажуваат и примерите од земјите од регионот каде неделата е прогласена за неработен ден и кои веќе имаат негативни последици, а во некои земји се бара и укинување на законот

136

Доцни законското решение со кое неделата требаше да биде прогласена за неработен ден. Оваа одлука Владата ја донесе на почетокот на ноември и требаше во рок од 14 дена Министерството за труд и социјална политика да подготви законско решение, но по три месеци од одлуката досега стигнавме само до две драфт верзии на законот кои се направени со користење на искуства од земјите во кои недела е неработен ден. Според министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, во дел од дејностите не може во целост да се воведе недела да биде неработен ден, односно работниот процес не може да запре и во недела.

– Кравите мора да се молзат во недела, за да има млеко во понеделникот. Телекомуникациите исто така треба да работат и низа други. Јасно е дека треба да има надомест за работа во недела, но постојано се јавуваат дејности кои се засегнати од оваа дебата. Треба да го дефинираме сето ова, со оглед на тоа дека треба да има ослободени од работа во недела, но има и неопходни дејности кои мораат да работат и во недела. Но, морам да напоменам дека не сакаме ова законско решение да има своја имплементација во услови на ковид пандемија, изјави Шахпаска.

Mинистерствата кои се надлежни во одредени области беа задолжени да утврдат во кои закони треба да се направат измени, односно кои дејности ќе работат во недела, а кои не. Засега е сигурно дека угостителите, туристичките агенции и трговците на мало ќе работат и во недела, а во трговијата на големо ќе има одредени ограничувања. Ова го потврдија од Министерството за економија од каде информираа дека во Законот за угостителство и Законот за туристичка дејност нема да има никакви измени, а во Законот за трговија ќе има измени кои ќе се однесуваат само на трговијата на големо.

Сојузот на синдикати смета дека со донесување на законско решение недела да биде неработен ден ќе се унапредат работничките права и ќе се создаде правна рамка за почитување на демократските вредности. Анализите и примерите покажуваат дека работникот ќе биде попродуктивен, ќе има повеќе време за семејството, за одмор и професионално надградување и дообразување, поврзано и со здравјето на работниците, а обврските можат да се завршат во текот на неделата, а истовремено да не трпи ниту бизнисот ниту работниците и граѓаните.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати предупредија дека со измените во Законот за работни односи со кои недела треба да се прогласи за неработен ден може да се направи хаос, бидејќи со подзаконски акти ќе се утврдува кој ќе работи, а кој не. Нивниот предлог е секоја работа во недела да се пресметува како прекувремена работа и да се исплаќа дневница која ќе биде за 35 отсто повисока од редовната.

Предлогот недела да биде неработен ден наиде на поделени мислења кај работниците и работодавачите. Работодавачите сметаат дека земјава не е толку економски развиена и богата за да си дозволи недела да биде неработен ден за сите. Според нив, во недела се остварува значителен промет во стопанството што земјата не смее да го изгуби, особено приходите од викенд туристите од соседните земји.

-Ние не сме толку богата и економски развиена земја за да си дозволиме недела да биде неработен ден за сите. Повеќе сектори во државата ни се поврзани со потрошувачка токму во недела. Така на пример трговските ланци, шопинг моловите, ресторани, казината во Гевгелија, стоматолози, ресторани, туристички капацитети остваруваат значаен промет токму во недела, бидејќи сите тие што им се клиенти во недела имаат слободен ден, изјави претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.

Тој смета дека ваквата одлука може да има негативни ефекти, во текстилната, преработувачката и другите индустриски гранки многу работници ќе работат на црно или со зголемено работно време во останатите денови од неделата. Работодавачите ќе прават разни варијанти со цел да се надополнат изгубеното работно време и прометот.

Од Организацијата на работодавачи сметаат дека Министерството за труд и социјална политика треба да ја утврдува листата на сезонски работи, каде нема да се инсистира во текот на сезоната неделата да биде неработен ден. Потоа, во индустријата каде има печки кои не смеат да се изгаснат да не мора недела да биде неработен ден, туку било кој друг ден во текот на неделата, и во сите други случаи недела да биде неработен ден, само по исклучок работниците да се викаат на работа во недела и за тој ден да добијат дневница повисока за 35 отсто.

Сепак, експертите се согласни дека не треба да се брза со носење на законско решение, а тоа го покажуваат и примерите од земјите од регионот каде неделата е прогласена за неработен ден. Словенија и Хрватска кои ја прогласија недела за неработен ден веќе имаат негативни последици. Во Хрватска група работодавачи веќе покренаа тужба против државата за изгубена добивка. Поради тоа, Хрватска веќе размислува да ја олабави одлуката и за некои фирми да дозволи работа во недела. Во Црна Гора, пак каде неодамна беше воведена неработна недела, тамошната Организација на работодавачи лобира законот да се укине и веќе го обжали пред Уставниот суд, но и по 13 месеци судот сè уште нема донесено одлука.

(А.С.)