Работилници, маскенбал, мурал…

81

Со детска работилница, креативно пишување, цртање и раскажување во ОУ „Киро Глигоров“ градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и директорот на Културниот центар Јадро Ѓорѓе Јовановиќ го најавија второто издание на „Маалски фестивал“ кој ќе се одржи во Дебар Маало каде ќе бидат изведени голем број на улични уметнички акции.

-Ве поканувам сите да дојдете и уживате во тридневната програмата. Станува збор за фестивал кој е во организација на Културниот Центар Јадро. Фестивалот почнува во петок и има навистина различна и богата програма за сечиј вкус и секоја возраст. Општина Центар дава поддршка за реализација и на ова второ издание од фестивалот и тридневното уживање на граѓаните. Верувам дека и вие го делите истото мислење дека на сите нас ни недостасуваат проекти кои го подобруваат социјалниот и културниот живот затоа како општина ќе продолжиме да организираме и поддржуваме проекти што се од витално значење за нивното дружење и социјализација -изјави Герасимовски најавувајќи го фестивалот.

Директорот на КСП Јадро, Ѓорѓе Јовановиќ дополни дека работата на културниот центар е вклучување на граѓаните во реализацијата на културните програми во општината што на овој фестивал е најмногу застапено.

-Имаме серија на работилници кои ќе се одвиваат во текот на целиот фестивал како работилницата за изработка на урбана опрема, за изработка на чудно звучни инструменти, за костими од картон и нивна презентација. Ќе има и доста музика, ќе има саем на ракотворби и книги, раскажување приказни поврзани со Центар каде секој ќе може да ја раскаже својата. Овие фестивали не се само место на средба, дружба и радост, туку и на размена на разни искуства и емоции. А најважно е што преку фестивалот создаваме еден инклузивен простор за сите – нагласи Јовановиќ.

Маалскиот фестивал оваа година ќе вклучува танц, музика, книжевност, прошетки по маало, работилници, филмски промоции, театарски претстави и уличен базар. Овој мултимедијален и инклузивен колаж од збиднувања има за цел да ја анимира и инспирира локалната заедница. Па така, и уметниците и публиката заеднички ќе учествуваат во создавање на една неповторлива и автентична маалска/фестивалска приказна.

Официјалното отворање на фестивалот е утре во 19 часот во просториите на КСП Центар-Јадро, со презентација на нов мурал, изложба на дизајни и фанзини, кЛИК, сЛИК – сподели кирилица – изложба на изработените текстови и слики од истоимената работилница.