Пчеларењето не е само производство на мед

39

Пчеларењето во земјава е генерално сведено на произведување мед. Ретко кој нуди полен, матичен млеч, прополис, восок, пчелин отров, оцет, креми,… Уште поретко може да се најде мед комбиниран со семки, со афион или, на пример, со јаткасти плодови.

Според одгледувачите на пчели, диверзификацијата и можностите што ги нуди пчеларството не се искористени. Палетата пчелни производи треба да се прошири, треба да се фокусираме на производи со додадена вредност, да се интензивира едукацијата и да се вложи во технологија за да се извлече максимум од оваа гранка.

Кај нас пчеларството е сведено на производство на мед. Затоа доаѓа и до разочарување на некои пчелари ако евентуално сезоната потфрли. Во такви ситуации, веднаш велат дека пчеларството не е рентабилно. Но, со мала инвестиција и поголемо вложување во едукација и знаење, може да се насочат и кон другите пчелни производи. На тој начин ќе се зголеми и профитабилноста зашто пчеларењето не е само медот, вели Горан Алексовски, пчелар од Скопско и претседател на здружението „Македонска пчела – Негорци“ („MacBee“).

Нацо Јовчевски, пчелар од Дихово и исто така член на „MacBee“, нагласува дека од пчелите се добиваат шест производи: мед, млеч, полен, прополис, восок и пчелин отров. Но, засега, многу е мал бројот на такви пчелари, кои производуваат од сите овие производи.