Поранешната руска гимнастичарка Алина Кабаева, за која се зборува дека е во долгогодишна врска со рускиот претседател Владимир Путин, наводно неодамна родила близнаци, пишуваат руските медиуми, а пренесува „Дејли мејл“.

Алина досега не се има огласено по повод ова прашање пред медиумите, а Кремљ никогаш не давал изјави за приватниот живот на рускиот претседател. Извори блиски до Кабаева изјавија дека не сакаат да ги коментираат гласините.

Според пишувањата на руските медиуми, целиот кат во Истражувачкиот центар за акушерство, гинекологија и перинатологија бил специјално уреден за поранешната гимнастичарка и пратеничка во партијата на Путин.

Еден од повлијателните весници во Москва на својот портал ја објави оваа приказна, која набргу изненадувачки ја избриша. Сергеј Канев, истражувачки новинар, кој е близок до руските известувачки служби, вели дека Алина родила близнаци.

Канев вели дека биле ангажирани голем број офицери од службите за безбедност, кои го прегледале целиот кат од родилиштето пред пристигнувањето на Кабаева.

„Половина од медицинскиот персонал е исфрлен од ова одделение“, изјавил Канев повикувајќи се на сопствен извор.

Познат лекар од Италија учествувал во породувањето, со асистенција на познат академик и директор на медицинскиот центар.

„Алина роди две момчиња и мораше да направиме царски рез“, изјавил лекарот.

Наводно, раѓањето на близнаците не се споменува во медиумите што ги води Кабаева, а која сега е директорка на Националната медиумска групација.