Путин потпиша указ за признавање на регионите Херсон и Запорожје во Украина како „НЕЗАВИСНИ ТЕРИТОРИИ“

707

Рускиот претседател Владимир Путин доцна синоќа потпиша указ за признавање на регионите Херсон и Запорожје како „независни територии“, пренесува РИА Новости.

Претходно беше најавено дека Путин денеска на церемонија во Москва ќе ги потпише документите за пристапување на украинските територии кон Русија, во кои се одржа референдумот, соопшти Кремљ.

За време на церемонијата Путин ќе одржи голем говор, по што ќе се сретне со лидерите на непризнаените Народни републики Доњецк и Луганск, како и со регионите Херсон и Запорожје, каде од 23 до 27 септември се одржа референдум за пристапување кон Русија.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно ја предупреди Русија дека ќе следи „многу остар“ одговор од Киев доколку Москва анектира четири украински региони по референдумите одржани на тие територии.

Проруските власти во четирите региони на Украина контролирани од Москва објавија дека огромното мнозинство жители гласале за приклучување кон Руската Федерација, по пет дена гласање на референдумот што Киев и западните лидери претходно го отфрлија како „фарса“.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Америка никогаш нема да ги признае обидите на Русија да заземе делови од украинската територија.

Бајден ги осуди референдумите спроведени од проруските сили во источна Украина и ги нарече „апсолутна лага“.

– Резултатите беа измислени во Москва – изјави Бајден по разговорите со лидерите на Пацифичките острови.