Путин во Белград-Поддршка за Вучиќ, за косовското прашање и за енергетиката

62

По завршување на билатералните разговори и прес конференцијата на рускиот претседател Владимир Путин со неговиот домаќин српскиот претседтаел Александар Вучиќ во Белград, главна тема на нивната средба беше косовското прашање и енергетиката, поточно гасното поврзување на Србија со Турски тек.

Рускиот претседател изјави дека Русија е подготвена да вложи неопходни ресурси во развојот на гасната инфарструктура во Србија или една милијарда и 400 милини долари, но поврзувањето на Србија со Турски тек, како што кажа Путин, „ќе зависи пред се од одлуката на ЕУ.“

„Јужен тек пропадна не по наша вина. Бугарија искажува заинтересираност за поврзување со Турски тек, кој би одел кон Србија…Ние сме подготвени за ова, за инвестирање и веќе преземавме подготвителни работи. Но, од нас малку што зависи“-изјави рускиот претседател Владимир Путин, додавјќи дека и Турција е заинтересирана за ова прашање.

Во врска со можното посредување на Русија во косовскиот дијалог, Путин изјави дека Русија секогаш активно учествувала во решавањето на ова прашање. Тој посочи дека околу Косово се крши меѓународното право, споменувајќи го како пример формирањето на косовската војска, чин кој е опасен и неправеден.

„Ние ќе работиме со нашите партнери, меѓународното право да биде испочитувано и да се дојде до праведно решение за Косово. Ние внимателно следиме се она што се случува на Косово“-изјави Путин.

Тој оцени дека Москва не е посредник во косовскиот дијалог, туку Брисел и ЕУ, „но за жал малку работи се исполнија од досега договореното, како на пример формирањето на ЗСО“.

Српскиот претседател кој од Путин беше одликуван со орденот „Св. Александар Невски“ го истакна големото пријателство со Путин и руската поддршка за косовското прашање, енергетиката и економијата.

„Го информирав Путин за формирањето на косовската војска спротивно на резолуцијата 1224 и по ова прашање добивме подршка од рускиот претседател. Јас му кажав дека Србија е подготвена за разговори, за компромиси, но Србија не може да се согласи на понижување. Се плашам дека некои луѓе не се подготвени на компромиси, но ние и понатаму ќе истраеме и тоа му го кажав и на Путин.“-изјави Вучиќ.

На средбата во Белград, Русија и Србија потпишаа 21 договор, од кои единствениот комерцијален договор е за Српските железници, за проекти вредни 230 милиони евра за изградба на диспечерски центар, електрификација на делницата Стара Пазова-Нови Сад и изработка на проект за изградба на делницата од Ваљево до црногорската граница.

Рускиот претседател својата еднодневна посета на Белград ја завршува пред храмот на Св.Сава, каде според српските медиуми се имаат собрано околу 80.000 негови подржувачи и следбеници на српскиот преседател Александар Вучиќ.