Пукотници и експлозии во Бејрут, шестмина загинати и 30 повредени 

30

Најмалку шест лица се убиени, а 30 се повредени за време на денешните демонстрации што во Бејрут беа организирани од шиитски движења Хезболах и Амал.

Организаторите на протестот бараат разрешување на судијата задолжен за истрагата во минатогодишната експлозија во пристаништето во Бејрут

Демонстрантите протестираа пред Палатата на правдата, каде се слушнаа престрелки и експлозија. Според организаторот на протестот врз демонстрантите пукале снајперисти од покривот на зградата.

Либанскиот министер за внатрешни работи Басам Мавлави потврди дека загинале шест луѓе, додека либанскиот Црвен крст потврди дека повредени се 30 луѓе.

Војската соопшти дека врз демонстрантите е отворен оган додека се движеле кон Палатата на правдата за да учествуваат во протестот. Пукањето се случило во христијанскиот дел од градот, кога демонстрантите минувале низ улицата.

Либанскиот суд претходно ја отфрли тужбата против главниот истражител во истрагата за експлозијата во Бејрут во август минатата година, во која загинаа повеќе од 200 луѓе, и му дозволи да ја продолжи својата работа, покажуваат судските документи. Истрагата за експлозијата беше прекината оваа недела откако поранешниот министер за финансии Али Хасан Халил и поранешниот министер за јавни работи Гази Зеитар поднесоа жалба.

Главниот судија Тарек Битар издаде налог за апсење на Халил.