Подготовките на Лос Анџелес лејкерс за натпреварот во Портланд, во петокот, беа спречени со пукање во близина на салата. Поради тоа, присутните таму беа евакуирани, па Леброн Џејмс и соиграчите, под заштита, морале привремено да заминат на друга локација.
Поголем дел од гледачите сè уште не беа пристигнати во „Мода центарот“, но Лејкерс беше внатре и се подготвуваше за натпреварот кога силно одекнаа истрели. Според безбедносниот протокол, тимот ги прекина стандардните активности и беше спроведен во „безбедна зона“.
Потоа, полицијата соопшти дека дошло до пукањето како последица на кавга меѓу маж и жена во монтажен тоалет во близина на шалтерот за билети пред салата. Според полицијата, мажот испукал еден куршум и се заклучил во тоалетот. Набрзо бил приведен, додека жената побегнала, без повреди.
Иако беше нарушена рутината пред натпреварот, Лејкерс набрзо се врати во салата и го победи домаќинот со 107:95, со 35 поени на Леброн Џејмс.
Инаку, Лејкерс, овој викенд, запиша уште еден триумф во НБА-лигата откако славеше на домашен терен против Хјустон со 105:104, со уште една маестрална партија на 39-годишниот Џејмс. Тој запиша 37 поени, шест скока и осум асистенции. Ова е петти натпревар сезонава на кој Леброн постигна над 30 поени, па со право важи за еден од најдобрите кошаркари во историјата на овој спорт.