Пукна тиквата помеѓу Шуле и Нагелсман

89

Репрезентативецот на Германија, Никлас Шуле, на крајот од актуелната сезона како слободен фудбалер ќе си замине од редовите на Баерн (М) и ќе ги засили тие на вечниот ривал, Борусија од Дортмунд. Во последното првенствено коло баварскиот гигант гостуваше во Волфсбург (2:2). Предводникот на Баерн (М), Јулијан Нагелсман ги немаше на располагање услугите на централниот дефанзивец, а по натпреварот откри зошто Шуле не бил во комбинација за дуелот против Волфсбург.

  • Го прашавме Ники дали ќе дојде со нас. Тој ни кажа: „не, веројатно не“. Не беше подготвен и затоа го оставивме во Минхен, изјави Нагелсман.

Сепак, неколку часа подоцна, Шуле за „Билд“ изјави дека нема ништо точно во зборовите на Нагелсман.

  • Не е во ред. Изминатите неколку дена за мене се и сешто се пишуваше. Имаше приказни кои не беа точни. Изминатиот четврток Јулијан Нагелсман ме праша дали ќе биде во ред ако не бидам во комбинација за дуелот против Волфсбург. Сакаше да ги награди помладите фудбалери кои следната сезона ќе бидат дел од сениорскиот тим на Баерн (М). За мене немаше место во тимот. Ја сфатив и ја прифатив неговата одлука. Тоа беше одлука на тренерскиот тим, кој од сосема нормални причини не ме сакаше во тимот. Во петокот, кога се повреди Марсел Сабицер, помошникот на Нагелсман ми кажа дека и јас сум можел да дојдам, ако сакам. Нормално дека ќе нема никаков проблем ако одбијам. Ова е вистинската приказна, изјави Шуле.

Новиот фудбалер на Борусија од Дортмунд додаде дека многу се налутил затоа што Нагелсман прво пред тимските колеги го ослободил од секаква вина, а потоа јавно презентирал сосема поинаква приказна.

  • Пред шампионската прослава, кога сите бевме на едно место, тренерот пред сите изјави дека јас не сум направил ништо лошо и дека му е жал поради тоа кое ми се случува. Моите тимски колеги добро знаат дека јас никогаш не би ги изневерил, додаде Шуле.