Дали родителите можат да влијаат на тоа детето да изврши монструозно дело? Српските психолози се обидуваат да дадат одговор на ова прашање по завчерашното сведочење на Коста Кецмановиќ, кој за масакрот што го изврши лани во неговото училиште, вината ја насочи кон родителите.
Како што објавија повеќе српски медиуми, Коста, кој на 3 мај лани во белградското училиште „Владислав Рибникар“ уби девет соученици и школскиот чувар, како сведок на судењето на неговите родители рекол дека тоа го направил зашто мајка му секогаш барала од него да биде најдобар, а да не биле пиштолите на татко му, не би пукал.
Психологот Снежана Репац, во гостување на телевизија „Курир“, протолкува дека гледано од психолошки аспект, притисоците од родителите не би требало да резултираат со ваков монструозен чин. Напротив, резултатот би требало да биде перфекционизам и обид на детето да ги оствари амбициите што му се наметнати.
-Преголемите родителски очекувања можат да создадат перфекционистичка црта кај личноста која има силно суперего, кај која се внесени тие родителски морални начела. Некој што така живее, би требало да биде преокупиран со тоа да ги исполни тие амбиции. Но, ако личноста се одлучила да направи ваков чин, тогаш нивното однесување на вродило со плод, односно неговото однесување не соодветствува со она што би требало да го направи. Малку е некомпатибилно, рече таа.
Репац зборува и за „оправдувањето“ на Коста, со цел да ја префрли одговорноста врз родителите за делото што го изврши.
-Можеби се информирал за елементите што би можеле да оправдаат некои проблеми, трауми и затоа се повикува на одговорноста на родителите, како децата да се детерминирани само со однесувањето на родителите, што секако не е точно. Не можам да поверувам дека некој своето дете намерно и систематски за нешто го подготвувал, во смисла да тргне во овој правец, вели психологот.
Српските медиуми продолжуваат да изнесуваат детали од сведочењето на малиот Кецмановиќ, повикувајќи се на свои извори, бидејќи судницата беше затворена за јавност. Тие информираат дека тој не ги погледнал родителите в очи кога го внеле во судницата, а дека му се слошило кога добил прашање од родител на едно од убиените деца. Според неколку медиуми, сите во судницата биле шокирани кога раскажал што направил по пукањето. Тој рекол дека го извадил рамот од пиштолот и го фрлил оружјето подалеку од себе. На прашањето зошто направил така, само рекол: Заради лична безбедност, за да не ме убие полицијата.
Се изнесуваат детали и за тоа како Коста дошол до оружјето на татко му. Рекол дека еднаш кога бил сам половина час низ станот го барал оружјето. Го нашол во плакар во ходникот во кутија, со шифра, во ранец. Рекол дека шифрата лесно ја отклучил, а кутијата со муниција не била заклучена. Потоа, два дена пред масакрот префрлил маица преку камерата во станот, ги зел пиштолите и ги сокрил во фиока во својата соба. Додал и дека додека оделе на стрелиште, тој пукал многу прецизно, а татко му го сликал.
Коста Кецмановиќ во вторникот сведочеше речиси четири часа, а со одговарање на прашања ќе продолжи на 17 овој месец.