Скопјани се жалат дека приквечер не можат да излезат да прошетаат бидејќи комарци ги касаат како луди. Особено е „опасно“ шетањето покрај Вардар или во близина на фонтаните, бидејќи од блиската средба со комарците, посебно децата  имаат црвенила, отоци и јадеж по вратот, нозете и рацете.

– Околу 19 часот излегов со една пријателка на кафе и наместо да си помуабетиме, нон-стоп ми се лепеше некој комарец и ме касаше, дури и преку облеката. Каква е оваа наезда од комарци, нели Шилегов вели дека редовно прска, но ми се чини дека навистина ги има премногу, како воопшто да не е прскано – се пожали една скопјанка.

Таа нагласи дека порано прскањето било поефикасно кога позади авионите за прскање се гледал бел облак, отколку сега кога запрашувањето е невидливо.

Освен комарци, ова лето низ градот се забележува дека летаат многу буба-мари, скакулци и други инсекти.

– Порано буба-мари и скакулци можевме да видиме по полиња, а оваа година ги има премногу во градот. Доаѓаат на балкон, дури влегуваат во собите. Зарем ова средството што го прскаат од авион ништо не им може, или пак, е разредено и го нема тоа дејство кое е потребно – се прашува друга скопјанка.

Од Град Скопје велат дека оваа година согласно јавната набавка е предвидено пет пати да се изврши авионска и од земја дезинсекција против возрасни форми од комарци во период мај – септември, како и три пати против ларви од комарци.

– Веќе се извршени три наврати на третирање на возрасни форми на комарци земјено и авионски, како и две прскања против ларви на комарци, а наредното планирано прскање е предвидено за почетокот на август – нагласуваат од Град Скопје.

Оттаму истакнуваат дека средствата за прскање се набавени по пат на јавна набавка, каде е избрана компанијата – Друштво за производство, трговија и услуги ПРИМАТЕКС Бранка ДООЕЛ експорт-импорт Скопје.

– Сите препарати со кои се прска против комарците се испитани од лиценцирани лаборатории и истите се потполно безбедни за користење и не се штетни за луѓето и животната средина – уверуваат од Град Скопје.

Високите температури и влагата од дождливото време ги намножија инсектите. Дерматолозите велат дека и нечистотијата во градот придонесува комарците со убодот во кожата да ни внесат, покрај нивниот секрет, и различни хемикалии, пестициди и вируси кои ги предизвикуваат реакциите на кожата кои единствено можат да се смират со разни медицински креми за мачкање и терапија.

Тие препорачуваат навечер кога комарците напаѓаат, да се носи тенка облека со долги ракави и долги панталони, а и редовно да се користат средства кои ги одбиваат комарците. 

(С.Бл.)