Проф. Трајковски: Постои фактор што го сопира ширењето на заразата независно од вакцините – а тоа е прележаноста!

186

Судејќи само според дневните броеви на новодијагностицирани, веќе неколку дена сме во зоната на врвот на бранот (зелената линија на првиот дијаграм), пишува проф. на неговиот фејсбук-профил.

Дури ни денешниот број на нови случаи (2.332) не претставува значајно зголемување во однос на бројот од минатиот вторник (2.265), односно се работи за случајна флуктуација, при рамен тренд, на самиот врв. Значи, самите дневни броеви кажуваат дека бранот повеќе нема сила за понатамошно извишување.

Истото го покажува и ефективниот репродукциски број, чиј последен седумдневен просек изнесува Rt = 1,03 ± 0,34 (на вториот дијаграм). Ова значи дека моментално имаме само проста репродукција – еден заразен денеска заразува само еден нов после просечно 2,2 дена (еден сериски интервал).

Дури и дневниот број на тестови, којшто претставува показател на изложеноста на населението на вирусот, веќе се намалува (жолтата линија на третиот дијаграм), што секако е позитивен сигнал. Единствен загрижувачки показател е стапката на позитивни тестови (сината и црвената линија на третиот дијаграм), која сé уште искачува и која не покажува знаци за скоро достигнување на максимумот.

Во околните земји оваа стапка достигна дури до 50%, а кај нас сé уште е под 40%, што може да нé загрижи. Додуша, таа последна започна и да искачува, дури откако броевите на нови случаи започнаа да растат, па можеме да се надеваме дека се работи за некаков задоцнет индикатор, иако не е јасно зошто би се појавило доцнењето.

На четвртиот дијаграм гледаме дека инциденците на заразување кај непрележаните и прележаните оваа недела се изедначија, што значи дека ефективноста на прележувањето во заштитата од заразување опадна на 0%. Тоа се добива сметајќи со вкупно население од 1,7 милион жители, инаку со 1,8 милиони жители би добиле негативна ефективност (т.е. би испаднало прележаните да се разболуваат повеќе од непрележаните), што е малку веројатно и поради што е направена корекција во бројот на жители. Ќе ги почекаме резултатите од пописот на населението, меѓутоа речиси сигурно е дека во земјава живеат најмногу 1,7 милиони жители, а можеби и помалку.

Податокот за ефективноста на прележувањето ќе ни послужи за уште една анализа. Иако ефективноста опаднала на 0%, односно прележаните се разболуваат еднакво како непрележаните, сепак епидемијата на омикрон сојот не започнува од почеток, што се гледа од достигнувањето на врвот на бранот при релативно мал број на дијагностицирани, сé на сé околу 35.000 од почетокот на бранот за Нова година. Тоа значи дека има некаков фактор којшто го сопира бранот иако прележаноста сама по себе не е доволна. Тој фактор може да биде вакцинираноста, како кај непрележаните, така и прележаните.

Истото резонирање ќе го примениме и кај вакцинираните и невакцинираните. Веќе видовме дека ефективноста на вакцините против заразување со Омикрон сојот исто така опадна практично до 0%, т.е. вакцинираните се заразуваат подеднакво како невакцинираните. Сепак, врвот на бранот кажува дека постои фактор што го сопира ширењето на заразата независно од вакцините – а тоа е прележаноста.

Комбинирајќи ги последните два заклучоци, доаѓаме до заклучок дека суперимунитетот, односно хибридниот имунитет од прележување и вакцинирање најверојатно е клучот за сопирање на епидемијата, како што пред извесно време кажа директорот на институтот „Роберт Кох“ од Германија. Во Македонија веќе има голем процент на население коешто прележало (лабораториски потврдено и непотврдено), коешто ИСТОВРЕМЕНО е и вакцинирано, т.е. поседува суперимунитет. Тие го претставуваат главниот бедем за сопирање на епидемијата, бидејќи заштитата кај нив е подолготрајна, во однос на заштитата само од прележувањето или само од вакцинирањето поединечно. Кон нив секако треба да ги додадеме и вакцинираните со три дози и два пати прележаните (реинфицираните).

Зошто анализата на ефективноста ова не може да го утврди? Од едноставна причина што немаме статистика за тие со суперимунитет, туку само за прележани/непрележани и вакцинирани/невакцинирани. Понатаму, пресметките на ефективноста покажуваат само колку е помал ризикот на една во однос на друга група (на пример прележани во однос на непрележани, односно вакцинирани во однос на невакцинирани). Таквите пресметки не кажуваат колкави се шансите за заразување, туку само сооднос на ризици (диференцијално) помеѓу групите.

Во секој случај, со секој нареден бран и секој нареден сој, расте уделот на лица со хибриден имунитет (суперимунитет), благодарение на што епидемијата НЕ се враќа на почетокот, туку само бара допрележување (по втор пат, кај еднаш прележаните или вакцинираните) за да постигнат подолготраен, суперимунитет.

Од овие причини е добро секој непрележан прво да биде вакциниран, па само со едно прележување да достигне суперимунитет (хибриден имунитет). Подобро и побезболно е така, наместо обратното (прележување па вакцинирање), за да организмот го поднесе (и преживее!) заразувањето полесно.

Од друга страна, вакцинирањето после прележувањето исто така има смисла, затоа што веројатно исто така води до суперимунитет, па се намалуваат шансите за второ заразување во догледно време. Зборуваме во просек, затоа што секогаш ќе има лица прележани и вакцинирани коишто ќе се реинфицираат, но во многу помал процент.
Заклучокот е дека пандемијата ќе запре во оној момент кога околу 85%-90% од населението во светот ќе достигне колективен суперимунитет, пишува професор Трајковски.