Професорот Дејан Трајковски влезе во „дупката на ѓаволот“

14410

Кањонингот, односно форсирањето кањони, е следната адреналинска забава достапна во Битолско, после зип-линијата (пуштање по јаже преку провалија) и виа ферата (искачување по карпа подготвена со качувалки и јажиња).

– Благодарение на Петар Нолев-Пепо, кој е главниот организатор на овие активности, имав можност заедно со група Холанѓани да форсирам 1,5 километри од кањонот, започнувајќи од живописното мариовско село Зовиќ, по должината на Градешка Река (позната во погорниот тек уште и како Ковачица и Старавинска Река), притока на Црна Река, во која се влева кај Чебрен – вели професорот Дејан Трајковски.

Поради непристапноста на карпестиот терен, Пепо бил првиот човек кој извршил форсирање на кањонот на овој дел, со помош на алпинистички техники. Така го осмислил и овој необичен туристички производ, прв и единствен во Македонија. На карпите вградил специјални клинови (качувалки) и јажиња, без чија помош движењето на некои места би било невозможно.

– Доживувањето и глетките се прекрасни, долу длабоко во кањонот, од каде сонцето го гледате како од некаков бунар. Се движите низ коритото на реката, длабока од 0,5 до 2 метри, некаде користите јажиња и газите на челични качувалки, некаде пливате, некаде скокате од карпа во вир за да го продолжите движењето (што за мене лично беше „хајлајт“ на турата), а влеговме и во „дупката на ѓаволот“, односно една пештера каде што реката како водопад паѓаше врз нашите глави – опишува Трајковски.

Турата завршува со излегување од кањонот, односно со стрмо искачување по карпите со помош на јажиња и карабинери и пешачење до познатиот „филмски мост“ во селото Зовиќ и освежување во селската кафеана кај Најдо, кој издава и соби за туристи.

– Со Пепо работевме заедно уште на зип линијата на Пелистер (што за жал сè уште не е пуштена во работа поради судски спор околу неплаќање) и би сакал да му се заблагодарам за преубаво поминатиот ден во природа. Најважно е да не седиме дома. Македонија има многу вакви неоткриени убавини, кои чекаат ентузијасти за да ги откријат и направат достапни за луѓето од земјата и светот – потенцира Трајковски.

(С.Бл.)