Професори од приватниот бугарски универзитет гости предавачи на Европскиот универзитет

53

Во рамките на програмата „Еразмус+„ за мобилност на кадар вчера на Европскиот универзитет во Скопје гости предавачи беа професорите д-р Радостин Долчинков и д-р Камен Сеименлииски од Приватниот бугарски универзитет, Бургас.

Теми на нивните предавања беа „Системи за управување со здравствени и безбедносни услови за работа„, „Техники за анализа и оценка на технолошките системи„, „Структура на бугарската електроенергетика„ и „Интегрирање на бугарскиот електроенергетски сектор во Европскиот енергетски систем„.

Како што појасни проф. д-р Радостин Долчинков, кој истовремено е декан на Приватниот бугарски универзитет – Центар за информатика и технички науки сакаме да ја прошириме соработката со Европскиот универзитет на повеќе нивоа на образование, особено во докторските програми.

-Презентиравме повеќе актуелни теми поврзани со економијата во Бугарија и ги разгледавме можностите за заеднички развој меѓу Македонија и Бугарија во повеќе области. Конкретно, нашите предавања беа фокусирани на развојот на бугарскиот енергетски сектор и можностите за соработка со македонскиот енергетски сектор, како и за новостите во интегрираните системи за квалитет во претпријатијата, истакна проф. д-р Долчинков.

Проф. д-р Камен Сеименлииски, продекан на истиот универзитет, одржа предавање на тема енергетика во чии рамки акцентот беше ставен на развојот на либералниот пазар на електрична енергија, како и можностите за изградба на нови заеднички електрични централи, како фотоволтаици, ветрогенератори и водни хидроцентрали.

Двајцата професори од Бугарија имаа средби и со сопствениците, раководството на универзитетот, со ректорот на кој биле договорени понатамошни соработки меѓу двата универзитета.