Протест, па контрапротест, а возачите кој ги врти

128

Протестот на пазарџиите кои веќе два дена го блокираат фреквентниот булевар „Кирил и Методиј“, но и влезот во паркингот кај „Аутомакедонија“, ќе продолжи и натаму сè до исполнување на нивното барање, а тоа е цената на паркирањето да се намали. Освен отежнат сообраќај низ градот кој предизвикува нервоза кај возачите, се најавува контрапротест на станарите на околните згради кои не можат да си ги паркираат своите автомобили што дополнително ќе го блокира сообраќајот   

 

Пазарџиите од Зелен пазар и утринава, почнувајќи од осум часот блокираа дел од булеварот „Кирил и Методиј“, на потегот кај дирекцијата на „Макпетрол“.

Уште рано изутрина се создаде сообраќај метеж, долги колони автомобили на останатите улици и нервоза кај возачите, бидејќи не можеше навреме да се пристигне на работа. Дополнително, оние што имаат месечни карти за паркирање во катната гаража „26 Јули“ поради тоа немаа пристап до катната гаража и мораа на друго место да бараат место за паркирање и дополнително да плаќаат.

Полицијата го пренасочуваше сообраќајот од пред крстосницата кај катната гаража „26 Јули“.

Пазарџиите денеска беа побројни и во присуство на полиција повторно излегоа со истите барања, да се намали цената на паркингот на 40 наместо 70 денари, или на 30 денари. Тие како што изјавија ќе протестираат во наредните 10 дена, секој ден од 8 до 10 часот.

– Ќе протестираме секојдневно. Сега ќе бидеме ригорозни. Се договоривме да го блокираме влезот на паркингот. Ќе ги поставиме автомобилите кај рампата и нема да дозволиме никој да влезе во него. Ова ќе го правиме се додека некој од надлежните не дојде да разговара со нас. А од нив зависи дали ќе дојдат да преговараат или не. Така, паркингот десетте дена додека ќе трае протестот ќе биде затворен – вели еден од пазарџиите што протестираа.

Тој додава дека и надлежните од Скопски пазар треба да ги поддржат во ова и да поднесат барање да се реши овој проблем.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ е дециден – остануваат на своето.

– Работата ќе си ја истераме до крај. Жители од околните згради веќе се јавуваат заради хаосот на паркингот – потенцира Богдановиќ.

Што се однесува до паркирани возила пред рампата на паркингот, тој вели дека ќе реагираат соодветно и ако има нешто паркирано непрописно ќе се ангажира „пајак“ службата на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“.

И директорот на ЈП ПОЦ, Васко Кичевски потврди дека во понеделникот добивале повици од граѓани за да се реши проблемот.

– Тие најавија дека деновиве и самите ќе се организираат во вид на протест против злоупотребата на паркингот од страна на пазарџиите. Граѓаните имаат сериозен проблем. Половина од паркингот е зафатен од камиони – изјави Кичевски.

Тој потенцираше дека пазарџиите немаат право да го блокираат влезот на паркингот.

– Присутна е полиција, ќе реагираат – истакна Кичевски.

(А.П.)