Протести во Минск, уапсени 50 лица

12

Десетици илјади луѓе се собраа денеска повторно на улиците во Минск, иако власта се закани дека против демонстрантите ќе употреби огнено оружје со боева муниција.

Локалните медиуми објавија дека на протестите учествуваат над 30.000 луѓе, а околу 50 демонстранти биле уапсени.

Се наведува дека сигналот за мобилна мрежа бил прекинат во некои делови од градот, а во близина на демонстрантите можеле да се слушнат звуци од експлозии на шок бомби.

Протести во Белорусија се одржуваат уште од претседателските избори на 9 август, кога, според официјалните податоци, победи долгогодишниот лидер Александар Лукашенко. Опозицијата тврди дека на изборите е извршен фалсификат и бара оставка од Лукашенко и нови избори.

Полицијата досега има уапсено над 13.000 демонстранти, вклучувајќи и опозициски лидери кои не ја напуштиле земјата.