Протеинската вакцина на „Новавакс“ е високо ефикасна – се бара итно одобрување од СЗО

130

Американската компанија „Новавакс“ и нејзиниот партнер – Институтот „Серум“ од Индија, ја пријавија својата вакцина против Ковид-19 за итно одобрување од Светската здравствена организација.

Листата на СЗО за вакцини за итна употреба е сигнал до националните регулаторни агенции кога станува збор за безбедноста и ефикасноста на производите.

Исто така, тоа е предуслов за извоз на вакцината во неколку земји што учествуваат во глобалната програма за дистрибуција на вакцини преку механизмот „Ковакс“.

„Новавакс“ и Институтот „Серум“, најголемиот светски производител на вакцини, се обврзаа дека ќе ѝ испорачаат 1,1 милијарда дози вакцини на програмата „Ковакс“, со цел еднаков пристап до вакцини меѓу богатите и сиромашните земји.

Протеинската вакцина на „Новавакс“ покажа ефикасност од 90,4 проценти во клиничките испитувања извршени врз речиси 30.000 испитаници во САД и Мексико.