Пронајден е хеликоптерот во кој беше претседателот на Иран, се уште не е позната состојбата на Раиси или на некој од патниците

271

Тимовите за пребарување го пронајдоа урнатиот хеликоптер во кој се наоѓаше иранскиот претседател Ебрахим Раиси, пишува Гардијан.

Како што јави државната телевизија на Иран, хеликоптерот е пронајден, но се уште нема информации за состојбата на патниците, меѓу кои бил и претседателот на Иран, Ебрахим Раиси.

Иранскиот заменик-претседател за извршни работи Мохсен Мансури изјави дека двајца членови на придружбата на претседателот контактирале со спасувачките тимови, што покажува дека воздушниот инцидент со нивниот хеликоптер не бил сериозен, пренесува ИРНА.

Во хеликоптерот со Раиси биле министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан, гувернерот на провинцијата Источен Азербејџан Малек Рахмати, водачот на петочната молитва во Табриз, Хојатолеслам Ал Хашем и други.

Во реонот каде што се случи несреќата се распоредени екипи за спасување и за итни случаи, а магливото време и непристапноста на планинскиот терен ја отежнуваат потрагата. Во операцијата за пребарување помагаат и припадници на вооружените сили и специјалните единици, објави ИРНА.

Ирански официјален претставник изјави за Ројтерс дека се уште се надеваат, но дека „информациите што доаѓаат од местото на несреќата се многу загрижувачки“.

„Луѓето на Амирабдолахија се во опасност по падот на хеликоптерот“, додаде официјалниот претставник.

ИРНА јавува дека повеќе од 20 спасувачки тимови со целосна опрема, вклучувајќи беспилотни летала и кучиња, биле испратени на местото на настанот.