Промоција на научната студија „Кусиот расказ и сонот“ и на збирката раскази „Приказни за кратокоста– раска(з)(ж)и за своја душа“од Габриела Стојаноска-Стаоеска

158

Во четврток, на 5 декември во 19 часот, во Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп ќе се одржи промоцијата на две книги на Габриела Стојаноска-Станоеска, научната студија „Кусиот расказ и сонот – компаративни паралели низ призмата на неколку критички методи“ и збирката раскази „Приказни за кратокоста– раска(з)(ж)и за своја душа“.

Промотори на книгите ќе бидат Сузана Ѓорѓиевска, Добрила Грашеска и Цеца Видова-Трајческа, а извадоци ќе чита Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Во студијата „Кусиот расказ и сонот“ релацијата кус расказ-сон застапена во одбрани раскази на Влада Урошевиќ, Катица Ќулавкова, Тања Урошевиќ, Јадранка Владова, Ѓорѓи Крстевски и Хорхе Луис Борхес се толкува од аспект на структуралистичкиот, митокритичкиот, психоаналитичкиот и интертекстуалниот критички метод, и тоа прво методолошки едногласно (еден метод врз еден текст), а потоа повеќегласно – интегративна методолошка синтеза на четирите критички методи во толкувањето на еден текст.

Расказите од „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ на Стојаноска-Станоеска, пак, гледаат со отворени очи во рапавата стварност, откривајќи ги нејзините јазли, пукнатини, лузни“ – вели академик Катица Ќулавкова. Во нив има „постојаната смена на реалистичното со имагинарното, на лирското со ироничното, трагичното со апсурдното, обичното со необичното, чудното со луцидното…“ ќе напише проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска.

Авторката вели дека пишува за емоциите и состојбите на човекот и за меѓучовечката комуникација. Расказите ги напишала за своја душа, за свој ќеф, онакви какви што сака да чита – без премолчени теми, ни зрнце тајна за читателите, со отворени табуа, храбри и искрени.