Промоција на книга и инсталација на уметникот Доротеј Нешовски

42

КСП Центар – Јадро, вечерва во 20 часот, ќе ја промовира книгата „Секоја работа надвор од уметноста е губење време“ на уметникот Доротеј Нешовски. Од 11 до 21 часот публиката ќе може да ја види и неговата просторна инсталација, специјално направена за оваа прилика.

Цртежите претставени во новата уметничка книга на Нешовски, во издание на КСП Центар-Јадро, се осврнуаат на прашањата и мислите со кои уметникот се соочува во општеството а кое е поставено на начелата со дадени егзистенции на мисла и состојба. Поголемиот дел од циклусот на цртежи претставени во книгата, Нешоски го создавал додека работел на штанд на Лотарија во еден скопски шопинг мол. Како подлога за своите секојдневни записи, мисли и брзи кроки-ја, тој користи хартии од искористени игри на среќа како и други флаери и пропагандни материјали пласирани од разните корпорации.

Доротеј Нешовски (1989, Скопје) е интердисциплинарен уметник кој се занимава со концептите за креативна спонтаност, ликовнa артикулација, социјална инклузија, педагогија и апстрахирање на релацијата галерија-публика-уметник чии интереси вклучуваат партиципативни активности, методологии на мапирањe и резонантност, вониституционално делување, истражувачки практики и детска едукација. Од 2012 година тој е еден од основачите и член на уметничката група „ЅЕЕ“ со која има реализирано повеќе проекти. Нешовски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот за вајарство со под насока сценографија (2012 г.). Неговата книга „Уметноста не е тоа што сакате“, издание на Priaveteprint од Скопје, излезе од печат во 2017. Живее и работи во Скопје. Од 2015 Активно организира и конципира детски работилници во Детски Креативен Центар при МКЦ.

Издавањето на книгата е реализирано со финаниска поддршка на Министерство за култура.