„Со зрно сол. И парче локум“ (карантински колумни) и „Кога Татковината станува чедо, а вистината борба“ се двете книги на Васко Шутаров – политиколог, поранешен пратеник и дипломат, колумнист и универзитетски професор, кои ќе бидат промовирани на 26 мај (20 ч.), во Гевгелија. Настанот ќе се одржи во хотелот „Аполонија“ во рамките на богатата културна програма по повод чествувањето на заштитникот на Гевгелија, христијанскиот празник Вознесение Христово – Спасовден, а во организација на Домот на културата „Македонија“- Гевгелија и под покровителство на Општина Гевгелија.

Во рецензијата за неговата збирка карантински колумни, Елка Јачева-Улчар ќе запише дека она што остава посебен впечаток во колумните на Шутаров е неговата синтакса по која е препознатлив неговиот стил.

„Токму реченичниот редослед е она што ја прави раскажувачката постапка на Шутаров особена и впечатлива, а на неговото четиво му дава извесен динамизам што придонесува кон тоа актуелните и мудри колумни на овој автор да се читаат во еден здив или кажано метафорично: како чашка жесток (интелектуален) пијалак, испиен одеднаш до последна капка“, меѓу другото ќе посочи Јачева-Улчар. Таа додава дека авторот е доктор по политички науки и со значаен број активно поминати години во политиката, како парламентарната така и дипломатската. Токму во тој контекст, посочува, и неговиот интерес за актуелните политики на меѓународен и на домашен план, е сосема разбирлив.

„Читајќи ги неговите колумни, разбирам дека неговото „вјерују“ е, сепак културата. И кога пишува за актуелни политички настани, за здравствени проблематики, за еколошки или за образовни проблеми, а посебно за неговите омилени теми поврзани со креирањето културни политики и културна дипломатија, рамката за негова опсервација е секогаш културолошкиот контекст на случување на нештата. И од таа рамка, изнедруваат сознанија кои можат несомнено да бидат не само корисно четиво за читателите на неговите колумни, туку и корисен потсетник за сите кои во моментов или во иднина ќе креираат политики“, истакнува Јачева –Улчар, која заедно со Бранко Цветкоски и Ирина Димовска во Гевгелија ќе биде промотор на неговите збирки колумни.

Васко Шутаров во својата професионална кариера бил советник во Општина Гевгелија (2000-2006 година), пратеник во македонското Собрание (2006-2011 ), а бил и претседател на собраниската Комисија за култура (2009-2011 година). Во периодот од 2009 до 2011 претседавал со собраниската Комисија за надворешна политика. Од 2011 до 2017 бил министер-советник во Македонската амбасада во Софија, Бугарија, и директор на Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Автор е на многу научни трудови и на книгите: „Јавна и културна дипломатија“ (Панили, 2014); „Публична и културна дипломатия “ (Изида, Софија, 2016); „Културна дипломатија на СФРЈ и културните дипломатии на државите наследнички“ („Софија“, Богданци, 2019). „Со зрно сол. И парче локум“ (карантински колумни) („Макавеј“, Скопје, 2021) и „Кога Татковината станува чедо, а вистината-борба!“ (колумни и есеи) („Макавеј“, Скопје, 2022). (Д.Т.)