Промовирана книгата „Спортот во градот под Шара“ на Драгољуб Хаџи – Иљоски – Чајка

160

Преглед на спортот и спортските достигнувања на генерации спортисти од Тетово од 1936 до 2016-та година, е содржано во книгата на повеќедеценискиот спортски работник Драгољуб Хаџи – Иљоски – Чајка насловена како „Спортот во градот под Шара – Генерации создавачи на трофејниот спорт во градот“.

Нејзината промоција се одржа во салата на музичкото училиште Тодор Скалоски – Тетоец. Драгољуб Хаџи –Иљоски – Чајка е доајен во неколку спортови во Тетово пред се одбојката како негов најомилен спорт, но и скијање, стрелаштво, ракомет, пинг – понг, тенис и друго така што најголем дел од информациите и фотографиите во книгата тој ги собирал низ годините на спортскиот живот и работа.

– Дел од овие спортови имале завидни резултати подолго време, а дел по одреден перид од разни причини по малку замирале. Спортот во Тетово датира уште од поодамна и ден денеска иако помалку во однос на минатото создава генерации млади кои ќе бидат негови промотори. За жал, спортот во Тетово сега е во опаѓање. Кај сите спортови имаме намалување на масовниот интерес, а со тоа и квалитетот. Но шампионите и ден денес имаат завидни резултати, како на пример со женските одбојкарски клубови во младинска конкуренција, изјави авторот Хаџи Иљоски.

Еден од рецензентите беше и професорот Насе Кондовски од Скопје.

– Станува збор за извонреден труд бидејќи одамна чекавме да се појави нешто вакво. Тетово е спортски град и оттука потекнуваат многу познати и квалитетни генерации спортисти, но досега немаше никаква посериозна белешка за тоа. Во книгата е опфатен периодот од првиот спортски дом – Соколаната, преку развој на гимнастиката, па одбојката, кошарката, едно време и фудбалот, пинг – понгот и така натаму рече Кондовски.

Според рецензентот Борис Момироски во книгата се опфатени спортските доживување на малите спортови во Тетово и тетовско од професорот Драгољуб кој покрај неговите сеќавања што ги истакнал направил и големо истражување за потврда на аргументите, фактите и податоците во книгата.